„ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА" бараат средба со Хан: Црвено-жолта боја пред седиштето на ЕК
Денес од граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА симболично го означивме и просторот пред седиштето на Европската комисија со црвено жолтата боја, во пресрет на доаѓањето на господинот Хан, изјави членот од граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА, Игор Дурловски.
-Ние сме реалност, никој не смее, не треба и не може да ги игнорира 200 илјади граѓани кои секојдневно протестираат. За жал Европската унија засега покажува игнорантски однос кон нас, но истовремено и кон граѓаните на Република Македонија. Порачуваме дека нема да дозволиме Влада која ќе работи според платформа подготвена надвор од Македонија, под покровителство на странски премиери. Било кој да биде избран за претседател на собранието бараме да ја одбие и отфрли истата, целосно отфрлање бидејќи со неа ќе имаме двонационална и федерална држава за сметка на унитарна и граѓанска Македонија, истакна Дурловски.
Тој исто така потенцираше дека Европската унија почива врз еднаквост, слобода и солидарност, и тие принципи треба да важат поденакво за сите граѓани во Македонија.
-Интеграција наместо лажна надеж и извесност наместо неизвесност, бараме господинот Хан да се сретне со нас за да може да му ги претставиме нашите цели и барања кои се фиксни и непроменливи. Нивното игнорирање и игнорирањето на нашите барања може да создаде само дополнителни ризици. Ако ЕУ е за почитување на граѓанско општество тогаш треба да покаже дека декларативните заложби не се само флоскули, туку треба да превземе конкретни дела, а за почеток може да прифатат средба со нас. Игнорирањето од страна на Хан ќе го сметаме за неискрен однос и приказ за не добри цели и намери на ЕУ кон Република Македонија, рече Дурловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа