Во Министерството за земјоделство средба со винарите - еве за што се разговараше
Квалитетот на годинашното грозје, планираните количини за откуп и цените, беа само дел од темите на денешниот работен состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со претставниците на винскиот сектор.
Како што соопшти МЗШВ, на состанокот станало збор и за досегашниот пласман на виното во ЕУ, регионот и новите пазари, Русија, Украина, Кина, за вкупните залихи, ефектите од субвенционирањето, поддршката на Министерството за покривање на транспортните трошоци на откупеното грозје од откупните пунктови до винарските визби (дополнителна мерка што беше воведена минатата година), како и за создавањето услови за организирана берба со цел избегнување берба во краток временски период.
- Во насока на додефинирање на повеќето моменти поврзани со откупот на винското грозје, МЗШВ ги повика претставниците на винскиот сектор максимално да се вклучат во процесот на подготовки на откупната сезона, за која, се информираше дека ќе постои целосна координација меѓу државните институции, но и со откупувачите и лозарите, информира Министерството.
МЗШВ најавува дека следните денови ќе организира состанок и со претставниците на легитимните здруженија на производителите на грозје околу организирањето на откупот и висината на откупната цена која, како пто побараа претставниците на винскиот сектор, треба да биде дефинирана во соработка со лозарите.