Џозеф: Спорот за името бледнее во споредба со проблемите на Грција
Едвард Џозеф, поранешен директор на Меѓународната кризна група за Балканот, по посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на Вашингтон вели дека тешката економска криза во Грција ги прави несериозни очекувањата дека земјата може да се фокусира на решавање на билатералните спорови, како што е тој за името на Македонија.
- Целосна будалаштина се изјавите на Самарас дека Грција сега е остров на стабилност. Точно е дека спроведоа реформи, но со Грција се уште најважна е нивната внатрешна ситуација, која е многу сериозна. Долговите не се само бројки на парче хартија. Тешко ми е да го кажам ова, но другите прашања, како спорот за името, бледнеат во споредба со проблемите на Грција. Замислете само Грција да се распадне. Имаат фашистичка партија, Златна зора, потоа имаат министер за администрација, Мицотакис, кој се обидува целосно да ја видоизмени нивната јавна администрација отпуштајќи толку многу луѓе, и притоа се уште се длабоко во долг. Доколку нема нова помош по изборите во Германија, Грците се соочуваат со финансиска криза, која се заканува на економијата на целиот свет, вели Џозеф, кој сега работи на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
Според него, позитивен сигнал е тоа што отворените прашања во регионот околу Грција беа спомнати на прес-конференцијата на Самарас и американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа, но очекувањата треба да се држат ниски.
- Среќа е што Обама, макар и индиректно, ги спомна балканските прашања во неговите забелешки. Гледаме дека Вашингтон продолжува да се обидува да ја поттурне Атина нанапред кон, како што рекоа, нерешените балкански прашања. Секако, тоа ја вклучува и спорот околу името на Македонија, но без притоа јавно да го посочат ова прашање. И тоа од две причини. Првата, Вашингтон не гледа дека би било продуктивно тоа да се прави јавно. И второ, фокусот кон Грција се уште е на крајно, крајно сериозниот проблем со грчкиот долг и внатрешните реформи кои Грција мора да ги спроведува. Со оваа се уште критична ситуација во Грција, мислам дека никој не треба да биде изненаден што само индиректно се спомна спорот за името, оценува американскиот експерт.
Џозеф вели дека можноста на Грција да влијае врз балканските прашања, позитивно, или поверојатно негативно, во време на нејзиното претседавање со Европската унија во првата половина на 2014 година, е ограничена. Според Џозеф, влијанието на државата – претседавач со Европската Унија е значително намалено по создавањето на дипломатската служба на ЕУ предводена од Кетрин Ештон.