Нема договор: Конститутивната седница продолжува во понеделник

 

Собраниската седница и по паузата продолжи со процедурални забелешки. ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека правото на пратениците за збор е уставно, деловнички загарантирано и не може никој да го одземе, додека СДСМ го нарече узурпација на функцијата претседавач неставањето на нивниот предлог на гласање.

Илија Димовски сугерира да се намали тензијата, да се почитува процедурата, да не се одзема правото на никого. - Да ја завршиме оваа точка, да ја избереме Комисијата за избори и именувања и потоа да преминеме на четвртата точка, рече Димовски.

Антонио Молошоски апелира за почитување на Деловникот и на членот 80 каде правото на збор и говор на пратеникот е посилно, рече, од кое било друго право. - Правото на пријавениот за збор или реплика е посилно од правото на некој по избори да се договори со некој друг за некаква платформа. Ако некој во Собранието имаше право да молчи со одредена цел без да биде укорен од никого, дозволете ни нам да зборуваме, да го кажеме своето мислење, истакна Милошоски.

Чувствителноста, оцени, е многу зголемена, и кај граѓаните и кај медиумите и кај политичарите. - Како Собрание, како претставници на народот, да не долеваме масло на огнот, да не ја правиме состојбата уште покомплицирана, повика Милошоски.

Според Владимир Ѓорчев, јасна е намерата на СДСМ, да им се ускрати правото на пратениците пријавени за збор. - Зошто никој досега не направи вакви варијанти на прекинување дискусии и менување точки 27 години наназад? Зашто не постои таква можност, не е деловничка, потенцира Ѓорчев. 

Радмила Шекеринска ги отфрли обвинувањата и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да дозволи, како што рече, Македонија да оди понатаму. - Одбивањето да се стави легитимен предлог на гласање е узурпација на оваа фотелја, рече Шекеринска, покажувајќи накај претседавачот Вељаноски.

Процедурално за дискусија се јавија и Владанка Авировиќ, како и Трајчо Димков кој го нарече предлогот на СДСМ насилен упад во демократијата. - Обидот да се одземе правото на говор е досега невиден во македонската парламентарна демократија. Зошто во недостиг на аргументи секогаш се обидувате на сила да ги решавате работите, кому сакате да наштетите?, праша Димков и апелира СДСМ да ја преиспита одлуката за прифаќањето на, според него, антимакедонската платформа. 

Оливер Спасовски од СДСМ на денешното продолжение на седницата, претпладнето, побара да се гласа за нивниот предлог Собранието да премине на четвртата точка од дневниот ред - избор за претседател на Парламентот со поддршка од десет пратеници. 

Седницата ќе продолжи во понеделник во 11 часот.

 

 

 

06.04.2017 - 18:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега