Спасов: Ќе бидат вработени уште 50 лица со статус деца без родители

 

Министерството за труд и социјална политика согласно Програмата Д-10 ќе вработи уште 50 лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа. На почетокот на 2013 година во рамки на Програмата Д-10 во државната администрација се вработија 33 лица. 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска информираше дека утре ќе биде објавен јавен оглас за вработување на 50 лица. Тој упати повик до сите кои ги исполнуваат критериумите во огласот, да аплицираат за работа во следните 20 дена.

Лицата кои ги исполнуваат условите за конкурсот ќе можат да аплицираат во наредните 20 дена за добивање соодветен работен ангажман зависно од квалификациите. Согласно Законот за државни службеници се планира вработување на 50 лица во Министерството за труд и социјална политика, со звања помлад соработник, виш референт, референт и помлад референт. Тие ќе имаат статус на државни службеници, а зависно од потребите на институциите ќе може да бидат распоредени во други министерства.

- Согласно Програмата Д-10 оваа година ќе бидат вработени вкупно 83 лица, со што значително ќе им се помогне и ќе им се обезбедат услови за нормален живот, постојана работа со цел нивна интеграција во општествениот живот, рече Спасов на прес-конференција.

Според него, вкупната бројка на невработени лица со статус деца без родители до 18 години се менува од година во година. - Согласно планот што го имаме направено за наредните 4-5 години очекуваме  речиси целосно намалување на бројот на невработени. Годинава ќе бидат вработени вкупно 83 лица, а за наредните години  планот е од 20 до 40 лица, односно  се очекува во наредните години да има број од 120 до 170 лица со ваков статус, појасни Спасов.

Јавниот оглас, покрај во дневниот печат, ќе биде објавен и на веб страницата на Министерството за труд и социјална  политика  www.mtsp.gov.mk,  и на сајтот на Агенцијата за администрација. 

ФОТО: МИА

 

најчитано сега