Бесими и Адеми ја дискутираа искористеноста на ИПА фондовите
Унапредување на координацијата заради подобра искористеност на ИПА фондовите, но и информирање за текот на реформите предвидени во Националната програма за прилагодување на законодавството на ЕУ-легислативата, е целта на серијата работни посети што ги отпочна вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими на институциите вклучени во процесот на евроинтеграциите.
Тој денеска го посети Министерството за животна средина и просторно планирање, каде од ресорниот министер Абдилаќим Адеми треба да биде информиран околу статусот на имплементацијата на сите ангажмани на ова Министерство и искористеноста на ИПА-средствата.
- Поглавјето 27 е едно од најголемите, но и најкомплексните. Тоа е и еден од секторите кои бараат повеќе инвестиции. Сметаме дека ваквите активности ќе дадат резултат во иднина, бидејќи наши најголеми предизвици се токму инвестициите во животна средина и тоа за пречистителни станици, канализациски мрежи и водоснабдување. Во овој контекст е и имплементацијата на законските одредби кои се однесуваат на т.н. интегрирани дозволи за заштита на воздухот во Република Македонија, рече Адеми пред средбата.
Според вицепремиерот Бесими, искористеноста на европските фондови во Република Македонија изнесува 37 проценти според склучените договори.
- Ако се гледа според анализата на ЕУ од регионален аспект споредбено со земјите што имаат децентрализиран модел на искористување на ИПА фондовите ние сме некаде на просекот од регионот. Сепак, сметаме дека има потреба за појака координација и оценуваме дека има простор за подобрување, затоа што сегашното ниво заслужува да биде на повисоко ниво. Со поголема координација можеме да бидеме поуспешни во искористеноста на ИПА-фондовите.
Тој посочи дека ова е една дополнителна форма на координација, посветеност еден ден само за одреден сектор, со конкретна посета на тие институции. Воедно појасни дека на ниво на Влада има посебни оперативни координативни состаноци со ИПА структурата на неделна основа, а секоја седница на Влада како предточка е искористеноста на ИПА фондовите и да се утврди каде има потреба од дополнителна координација. На овие состаноци редовно се координираат и со Делегацијата на ЕУ со цел да се подобри сликата.
- Не велиме дека моменталната состојба е идеална, односно дека сме најдобри во оваа област, меѓутоа има доста потенцијал каде што е инвестирано досега во креирањето на административната структура за ИПА и со подобра координација можеме да ја зголемиме искористеноста на фондовите, рече Бесими.
Според него, Македонија бележи напредок во транспонирање на директивите на ЕУ во законодавството. Останува предизвикот за нивна ефикасна имплементација. Воедно, информира дека во однос на искористеноста на ИПА-фондовите МЖСПП е една од најзначајните и најголемите институции во делот на овие фондови. Од околу 600 милиони евра колку што има актуелната ИПА-структура за Македонија за периодот 2007-2013 година, проектите што се вклучени во ова Министерство изнесуваат 115 милиони евра, од кои 15 се за проекти за зајакнување на институционалните капацитети и политики, додека околу 99 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти и подобрување на животната средина во Република Македонија.
ФОТО: МИА