Конститутивната седница продолжува утре: Тиранската платформа во фокусот на вниманието

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешното 18. продолжение на конститутивната седница продолжи со репликите, контрарепликите и процедуралните забелешки.

Во фокусот на дебатата беше тиранската платформа и барањето за нови парламентарни избори. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека граѓаните се измамени и затоа се на улиците и оти реализацијата на платформата значи воведување на двојазичност, промена на името, знамето и химната.

Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се работи за постизборна измама и побара да се отфрли тиранската платформа или заедно со неа да се оди на нови парламентарни избори. 

Пратеникот Максим Димитриевски од СДСМ забележа дека свесно се блокира работата на Собранието, а со тоа и процесите во државата и побара да се овозможи мирен трансфер на власта. 

- Време е народот да си ја земе државата во свои раце. Ова е срамно што го правите. Сите членови од Деловникот свесно ги кршите. Водиме непродуктивна дебата којашто не ги решава проблемите во државата. Нашите граѓани се соочуваат со реални суштински проблеми, рече Димитриевски, обвинувајќи го претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски дека е најодговорен за тоа. 

На тоа одговори Вељаноски кој рече дека не може да ги крши сите членови од Деловникот, а продуктивноста, според него, најдобро ја цени јавноста.

За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ политичката криза ја има предизвикано СДСМ и според него лидерот на СДСМ Зоран Заев треба да одговори што прифатил со тиранската платформа. 

- Не ја разбирам напнатоста на СДСМ кои не можат да издржат неколку недели дискусии на прецизни теми. Овде треба да се дадат одговори, рече Димовски, додавајќи дека притисокот од СДСМ за да се затвори дебатата го разбира како желба за побрзо доаѓање на власт.

Дебатата по третата точка од дневниот ред на констититувната седница продолжува утре во 11 часот.

 

 

 

25.04.2017 - 18:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега