Експертите јасни: Претседавачот на Собранието и ВМРО-ДПМНЕ постапуваат според уставот

ВМРО-ДПМНЕ не го прекршува Уставот во Собранието на Република Македонија. Експертите сметаат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се однесуваат според деловничкото и законското право, а во рамки на Уставот.

Професорот Александар Даштевски за Курир вели дека ВМРО ДПМНЕ, а особено претседавачот со седницата на Собранието апсолутно се држат до Уставот и деловникот на Собранието.

-Особено до Член 80 став 2 од Деловникот кој вели, дека претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор. Пратениците се пријавуваат за збор во рок од една минута по отворањето на претресот. Листата на пратеници не може да се менува и дополнува во текот на претресот. Според истиот член став 5 Претседателот на Собранието констатира дека претресот е завршен кога ќе утврди дека листата на пријавени пратеници за збор е исцрпена. Исто така, сите други членови од Селовникот се спроведуваат безпрекорно. Досега така се води седницата на Собранието. Тоа што оваа седница трае долго е поради фактот дека има платформа со која се загрозува унитарноста и суверенитетот на државата и се прифаќа платформа договорена во странска држава, која претставува постизборна измама, а претседателот на опозиционата партија ја прифатил во целост, иако тоа е спротивно и на меѓународното право. Дополнително, завршувањето на конститутивна седница ја отежнува непроизнесувањето на СДСМ што прифатил од платформата, бидејќи за најголем дел од тие прашања е потребно двотретинско мнозинство и се противуставни, вели Даштевски.

dastevski

Според него спорен е изборот и на досега единствениот кандидат за претседател Талат Џафери, кој не само што ја прифаќа платформата, туку, вели професорот, постојат сериозни индиции дека сторил кривични дела против човештвото кои не застаруваат ниту според меѓународното, ниту според домашното право.

-Поради тоа, може да се поведе постапка против него во текот на мандатот и не е добро за угледот тој да се кандидира на тоа место. Проблем е исто така што СДСМ не сака да разговара за ништо, што би претставувало решавање на споредните прашања поради решавање на кризата и завршување на конститутивната седница. Со тоа дополнително ја одолговлекува постапката дури и да се заврши оваа седница не постојат услови за формирање на влада бидејќи во согласност со Член 84 од Уставот мандатот за составување на влада го доделува претседателот на државата во согласност со Член 84 од Уставот на РМ. Знаеме дека мандатот не е доделен и по завршувањето на седницата нема да може да се состави влада бидејќи нема мандатар. СДСМ најавува државен удар со кој најверојатно противуставно ќе сака да состави влада, која нема да има легитимитет. Овој факт дополнително загрижува, смета Даштевски.

Согласно Уставот, согласно Деловникот на Собранието на РМ, но и согласно европското парламентарно право, право на секој пратеник е да зборува, да изнесува свои мислења, и ставови за точките утврдени во дневниот ред, смета професорката Тања Каракамишева Јовановска.

-Не случајно Собранието, парламентот и се нарекува со овој поим (парламент произлегува од зборот парларе со значење да се дебатира, да се расправа за одредени теми). Деловникот на Собранието (во делот на правата и должностите на пратениците) дополнително утврдува не само право, туку и обврска, должност на секој пратеник да учествува во работата и во одлучувањето на Собранието. Кога пратениците се договорија околу текот на конститутивната седница тие се обврзаа дека ќе го почитуваат редоследот на дејствијата дефиниран во Деловникот, по што едногласно го усвоија дневниот ред на конститутивната седница, без ниту една забелешка од страна на СДС. Во делот од Деловникот кој се однесува на конституирањето на Собранието, има точно дефинирани дејствија кои треба да бидат затворени за да имаме успешна конститутивна седница на Собранието. Хронолошки, потребно беше прво да се утврди претседавач на конститутивната седница, што е направено преку почитување на Уставот и на Деловникот, со овозможување на претседателот на Собранието од претходниот состав да ја води конститутивната седница. Трајко Вељаноски не се откажа од оваа негова функција, туку напротив ја води и раководи конститутивната седница согласно Уставот и Деловникот. Сите идеи и планови на СДС некој друг пратеник да го смени Вељаноски на претседавачкото место, и на него да седне најстариот пратеник од составот, или некој друг кој ќе се нафати да ја врши оваа функција го ценам како крик на очај и немање желба да се почитува Уставот на РМ. Вељаноски не може да биде заобиколен, и без него никој не може да го продолжи водењето на конститутивната седница, бидејќи тоа би значело грубо кршење на Уставот и на Деловникот, вели Каракамишева Јовановска во изјава за Курир.

Таа додава дека претседавачот предложил дневен ред за кој сите пратеници се согласиле и го усвоиле и натаму треба да се постапува се додека не се исцрпи до последната точка.

karakamiseva2

– Деловникот е стриктен и во делот на претресот на точките, како тој се одвива, и како се одвива текот на собраниската седница. Чл. 78 од Деловникот вели дека претресот по точките од дневниот ред се врши според утврдениот редослед на дневниот ред, или во нашиов случај, мора да се исцрпи точката на дневен ред, избор на Комисија за изборите и именувањата за да се помине на следната точка изборот на претседател на Собранието. Во чл. 80, став 2 од Деловникот стои дека претресот на точката трае додека не се исцрпи листата на пријавени пратеници за збор. Пратениците се пријавуваат за збор во рок од една минута по отворањето на претресот. Листата на пратеници кои се пријавиле за збор не може да се менува и дополнува во текот на претресот. Во став 5 од чл.80 се вели дека претседателот на Собранието (или претседавачот) констатира дека претресот е завршен кога ќе утврди дека листата на пријавени пратеници за збор е исцрпена. Оттаму, се додека не се исцрпи листата на пријавени пратеници за збор по актуелната точка на дневен ред во Собранието, претседавачот и да сака не смее да ја затвори оваа точка и да премине на друга. Дополнително што точката избор на Комисијата за изборите и именувањата мора да претходи на точката избор на претседател, затоа што токму Комисијата е надлежна да утврди кандидат(и) за претседател на Собранието. Согласно Уставот, и чл. 22 од Деловникот, кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата или најмалку 20 пратеника. Пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието. Дури претседавачот и да има волја да ја скокне постојната точка и да премине на избор на претседател, тоа нема да може да го стори затоа што ќе направи грубо кршење на Уставот, но и грубо кршење на деловничките одредби кои се однесуваат на конституирањето на Собранието. Тоа што СДС има свој предлог за избор на претседател на Собранието не смее да го спречи правото и другите пратеници да утврдат свои предлози за претседател, како и Комисијата да утврди конкретни предлози, објаснува професорката.

Таа додава дека она што треба да се знае е дека и самиот избор на претседател не може да се случи веднаш, така како што наумиле СДС. Вели дека и за постапката за избор на претседател има цел сет на дејствија и фази.

-Прво предлозите за кандидат за претседател на Собранието се поднесуваат во писмена форма на седницата на Собранието, при што редоследот на кандидатите се утврдува според азбучниот редослед на нивните презимиња. За секој предложен кандидат, а хипотетички може да има 6 кандидати, секој пратеник има право да се пријави за збор, секој пратеник има право на реплика, контрареплика итн. Ова значи дека за изборот на претседател на Собранието најверојатно ќе треба многу време ако се почитуваат деловничките одредби, и уставно-загарантираното право на секој пратеник да зборува и да одлучува за прашања од надлежност на Собранието. Секој друг план, заобиколно сценарио, со кое се има за цел да се повредат правата на пратениците мора да биде санкционирано, и таквите одлуки ќе мора да се сметаат за ништовни, бидејќи се незаконски. Секој друг начин на избор на претседател ќе се смета за антиуставен, и антиделовнички чин кој ќе мора да се оквалификува како државен удар во земјата, заклучува Каракамишева.

За потсетување, пратениците од ДУИ, кои сега обвинуваат за некаква опструкција на Собранието од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои само го користат правото за дискусија загарантирано со Деловникот и со Закон, очигледно брзо заборавија како ДУИ и конкретно Талат Џафери го парализираа Собранието со илјадници амандмани во 2012 година кога Џафери се обидуваше да си го искаже својот револт во Собранието- молчејќи.

Откако првите денови зборуваше се и сешто, а рекордот е говор од околу 8 часа, Талат реши да замолчи и своето деловничко право да се јави за збор го користеше молчешкум, па дури и си читаше книга. Немаше деловнички начин кој владејачката ВМРО-ДПМНЕ можеше да го спречи. Џафери приредувaше вистинско шоу во Комисијата за труд и социјална политика кога со молчење го спречуваше донесувањето на Законот за бранителите. Тој за време на одржувањето на седница на Комисијата читаше поезија, а тогашната претседателка на Комисијата, Цветанка Иванова, го бранеше дека на тоа има право. Џафери дури и ги предупредуваше пратениците дека доколку го прекинат неговото молчење, ќе побара збор и повторно ќе молчи. Дополнително ДУИ со предлагање на околу 15.500 амандмани во 2012 година го блокираше Собранието и го одложуваше носењето на Законот на посебните права на припадниците на безбедносните сили.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека тие ги користат сите законски и деловнички можности.

-Во однос на дебатата во Парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека она што во моментот се случува во Парламентот е користење на сите законски и деловнички можности од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За Подобра Македонија за искажување на ставовите и позициите, низ парламентарната дебата, користејќи го максимумот на законот и она што го дава Деловникот. Ништо нема незаконски, и нема ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и Светот,практично тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и наметнувањето на Тиранската платформа, е ставот на партијата кој вчера им беше соопштен на амбасадорите на средбата со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

26.04.2017 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега