Бесни и пијани охриѓани испокршиле што им дојде при рака во продавница
Охридската полиција поднесе кривични пријави против две лица од Охрид, поради насилно однесување, за што од истражен судија од Основниот суд во Охрид им одреди и мерка притвор во времетраење од 30 дена.
Станува збор за лицата Љ.С.(38) и Ј.Ѓ.(28), двајцата од Охрид, инаку сторители на казнени дела за што биле и затворски осудувани.
Во конкретниот случај пријавените пред два дена околу 20:30 часот во продавница во селото Куратица го искршиле инвентарот и прозорските стакла, а потоа и стаклените шишиња со алкохолни и безалкохолни пијалоци. Тие на вработените и другите присутни во продавницата им упатиле закани по животот.
Двајцата приведени претходно пиеле вино во продавницата и во алкохолизирана состојба побарале од соствениците да играат билијард, при што биле одбиени. Револтирани започнале насилнички и агресивно да се однесуваат и на висок тон да ги навредуваат вработените и гостите. За кратко време ги искршиле масите и столиците, стаклените шишиња и стаклата на прозорците.