Лозаропроизводителите бараат повисоки откупни цени на винското грозје
Претставници на лозаропроизводителите денеска на средба во ресорното Министерство ги изнеле нивните размислувања за повисоки откупни цени на винското грозје во однос на ланската сезона.
Побарале откупната цена на винското грозје да биде дефинирана согласно шеќерните единици на секоја сорта винско грозје, врз основа на различната технолошка зрелост на секоја сорта, соопшти по средбата Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Од МЗШВ изразиле очекување дека барањето на лозаропроизводителите ќе биде прифатено од страна на претставниците на винскиот сектор, со кои во наредните денови ќе биде остварена уште една средба.
- МЗШВ ги повика претставниците на лозаропроизводителите максимално да се вклучат во процесот на подготовки на откупната сезона, за која беше информирано дека ќе постои целосна координација помеѓу надлежните државни институции и засилени теренски контроли и комуникација со откупувачите и лозаропроизводителите. Во тој контекст, од МЗШВ беше побарано за секоја утврдена неправилност при откупот, лозаропроизводителите веднаш да го информираат државниот инспекторат за земјоделство, се вели во соопштението.
Работниот состанок со претставниците на здруженијата на лозаропроизводителите се одржа во рамки на подготвителните активности за претстојната откупна сезона на винското грозје. Опфатени се повеќе теми поврзани со позитивните ефекти од досегашното субвенционирање за производството на грозје, моментната состојба на насадите, очекуваниот род од годинашната берба, квалитетот на винското грозје, состојбите со бербата на трпезното грозје, информации за квалитетот на грозјето и содржината на шеќерни единици, како и темите поврзани со почнување на бербата на винското грозје и организираноста во пресрет на почнување на откупната сезона.
- На средбата претставниците на лозаропроизводителите информираа за зголемениот род на винското грозје оваа година, изразија благодараност до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за досегашната поддршка истакнувајќи ја потребата од продолжување на досегашната комуникација во пресрет на откупната сезона. Лозаропроизводителите беа запознати со активностите кои МЗШВ ги прави во пресрет на откупната сезона, со координацијата со останатите институции во насока на организираност и контрола на откупниот процес, како и со намерата на МЗШВ за градење дијалог помеѓу лозаропроизводителите и претставниците на винскиот сектор, се вели во соопштението