НБРМ: Постојат можности за зголемување на кредитите во стопанството

 

Банките во државата се повеќе ориентирани кон кредитирање на населението, девизните резерви се на ниво доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови, депозитите во банкарскиот систем растат, но побавно од очекуваното, а инфлацијата и натаму се движи во проектираните рамки, оценува Народната банка на Република Македонија.

Според НБРМ, каматната стапка на благајничките записи ќе се задржи на нивото од 3,25 отсто, а на аукција ќе се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ, 25.500 милиони денари.

-Податоците за кредитните текови укажуваат на можно остварување на планираната динамика на кредитната активност. Во првите шест месеци од 2013 година, износот на новоодобрени кредити од страна на банките кон секторот на нето-извозници и домашни производители на електрична енергија достигна 3.588 милиони денари, при што новоодобрените кредити во најголем дел, 99 отсто, се кон секторот нето-извозници. Растот на новоодобрените кредити овозможува намалување на основата на задолжителната резерва на банките со што се создава простор за натамошно зголемување на кредитната поддршка на приватниот сектор, соопшти централната банка.

И покрај ваквите остварувања, додава НБРМ, надолни ризици околу проекцијата на кредитите и натаму постојат и се уште има согледувања за ризик.

По забрзувањето на инфлацијата во јуни, минатиот месец потрошувачките цени се намалија на месечна основа, а годишниот раст на цените забави.

-Инфлацијата и натаму се движи во проектираните рамки, со врамнотежени ризици околу проектираната просечна инфлација од 2,8 отсто за 2013 година. Според најновите показатели за економската активност, инфлацијата би се задржала во зоната на позитивни промени и во второто тримесечје, при натамошен, но забавен раст на индустриската и градежната активност, информира НБРМ. 

На девизниот пазар минатиот месец е забележан вообичаен сезонски раст на понудата на девизи. Во услови на зголемена понуда на девизи и подобрување на девизните позиции на банкарскиот систем, Народната банка интервенира со откуп на девизи. 

Како што наведува Народната банка, ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија во јули се намали под влијание на автономните фактори, што беше под влијание пред се на сезонскиот раст на готовите пари во оптек. Банките активно ги користеа монетарните инструменти за надминување на ликвидносните флуктуации, а движењата на домашните финансиски пазари се стабилни. На пазарот на пари се забележува зголемување на меѓубанкарската активност и тргување на подолги рочности, а пораст се забележува и кај тргувањето на секундарниот пазар. Зголемената трговска активност укажува дека е задржан високиот степен на доверба меѓу пазарните учесници.

најчитано сега