Министерот Сарачини најавува контроли на компаниите кои издаваат сертификати за квалитет
Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска имаше средба со Љупчо Давчев, директор на Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ), којшто е во постапка да стане сертификациско тело за системи за управување со квалитет (MKC EN ISO 9001:2009). Се очекува Институтот овие сертификати да почне да ги издава до крајот на годината.
Институтот за стандардизација на Република Македонија е членка на Европскиот комитет за стандардизација и Европскиот комитет за електротехничка стандардизација.
- ИСРМ во изминатиот период усвои 98 проценти од европските стандарди и притоа е направена речиси целосна имплемнтација на европските стандарди, и како резултат на тоа успеавме да станеме членка на Европската организација за стандардизација и тоа како единствена земја во регионот, кои членуваат во ЦЕФТА. Придобивките од ова се навистина големи за индустријата бидејќи нашиот Институт од сега па натаму има полноправен глас во Европскиот комитет. Тоа значи дека во иднина при изработка на стандардите без разлика дали се работи за наши домашни или пак европски, нашата индустрија ќе има право да дава предлози да носи одлуки и да сугерира подобрување на секој стандард, изјави Сарачини.
Стандардите, додаде министерот, имаат навистина огромно значење, особено за компаниите кои извезуваат на европски пазар, затоа што со нив се зголемува квалитетот на производот, се зголемува сигурноста и здравјето на граѓаните, се избегнуваат пречките во трговијата, се зголемува конкурентноста на производите, и најважно се стимулира иновативноста. Во Германија 3 отсто од БДП се добива со употреба на стандарди.
Според Сарачини, има сериозни забелешки за одредени компании кои се занимаваат со издавање на сертификати за квалитет.
- Во последно време имаме сознанија дека многу компании, човек компнија, издаваат сертификати после еден месец. Невозможно е да заврши целата постапка за издавање на ИСО сертификат, ние заедно со Инстититутот за стандардизација, со Институтот за акредитација, но и со Министерството за информатичко општество и администрација веќе од септември ќе направиме план и динамика за следење на сите компании коишто имплементираат и издаваат ИСО стандарди за да можеме да го подигнеме квалитетот во овој домен, изјави министерот Сарачини.
Директорот Давчев истакна дека во европските тела Институтот е примен под името Институт за стандардизација на Република Македонија иако имало негативни реакции од две земји поради тоа. До крајот на година Институтот ќе формира Одделение за сертификација, кое ќе учествува на пазарот за спроведување на постапка на сертификација во компании кои имаат интерес да го воведат основниот стандард ИСО 9001, наменет за организациона и менаџерска поставеност. Со последната измена на Законот за стандардизација во февруари 2013, новата надлежност на ИСРМ е „одобрување и мониторинг“ на апликациите за примена на националниот промотивен знак „Македонско сонценце“. Од февруари ќе започне и кампања за изработка на македонски стандарди.
Давчев јавно повика извозно ориентираните компании да се пријават за да бидат дел од проект за економските бенефити од стандардите.
- Бараме две фирми низ Македонија, рече тој, повикувајќи ги компаниите да се вклучат во проектот. Соодветна методологија ќе биде применета во работата на компанијата за да се утврдат економските бенефити. Врз основа тоа кога ќе се изработи целата процедура којашто трае пет-шест месеци по директно менторство на Меѓународната организација за стандардизација со огромна помош на Владата и Министерството за економија, фирмите ќе бидат обајевни на веб - страниците на Меѓународната организација за стандардизација и во нивните весници.
Појаснува дека со воведувањето на стандардите компаниите ќе можат да излезат на европскиот пазар, што значи многу поголем профит.