ЗАЕВ: Денеска или утре ќе започнат разговорите за ресорите и имињата во владата
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево пред средбата со лидерот на „Алијанса за Албанците“, Зијадин Села во Тетово, изјави дека денеска или утре ќе почнат разговорите за ресорите и имињата во новиот владин тим.
Според Заев, се прават напори за што поскоро формирање на владата, но притоа е многу важен, како што рече, квалитетот.
- Разговорите течат со сите политички партии. Се надевам дека ќе ги заокружиме важните принципи за она што е интерес за граѓаните на Република Македонија и за нашата заедничка земја. Драго ми е што во тој дел работите се движат во позитивен правец. Верувам дека денеска, утре ќе почнеме да разговараме нешто и за ресорите и имињата - истакна Заев и додаде дека е задоволен од текот на работите.
На новинарско прашање, не прецизираше кога може да се очекува новата влада, дали до крајот на оваа недела.
- Јас би сакал уште утре. Правиме напори, ако не друго, заради Брисел, но верувам дека поважен е квалитетот, поважно е тоа што е интерес на граѓаните да биде суштествено се договорено, за да можеме предлогот да го испорачаме до Собранието на Република Македонија - нагласи Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа