Почнува „Ја сакам Македонија“ во Охрид

Во организација на Министерството за надворешни работи, од 18 до 25 август во Охрид  се одржува вториот Летен камп "Ја сакам Македонија". Како што информираат од МНР, на кампот учествуваат вкупно 35 ученици, припадници на македонското национално малцинство и посетители на Курсевите по македонски јазик организирани од Заедниците и друштвата на Македонците во Србија, Албанија, Косово и Бугарија.

-Во рамките на програмата на Летниот камп - 2013, предвидено е да се одржува настава по македонски јазик, македонска култура и историја од страна на предавачи од Филолошкиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Дополнително, за улогата и значењето на мајчиниот јазик во одржувањето на личниот, националниот и културниот идентитет пред учесниците на Летниот камп предавање ќе одржи министерот за надворешни работи Никола Попоски, стои во соопштението од Министерството.

Исто така, информираат од МНР, во седумдневната програма предвидено е учесниците на Летниот камп да ги посетат културно – историските знаменитости во Охрид и охридското крајбрежје, како што се Музејот на вода – залив на коски во месноста Градиште, манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски, како и Самуиловата тврдина, црквата “Св. Пантелејмон” на Плаошник и Куќата на Робевци во Охрид.    

-Со цел продлабочување и проширување на знаењата како и зближување на учениците припадници на македонското национално малцинство од балканските земји и учениците Македонци од дијаспората, а согласно програмата за работа на Министерството за надворешни работи, предвидено е следната година Летниот камп – 2014 да биде надополнет со ученици Македонци од дијаспората, информираат од МНР.

19.08.2013 - 15:13

најчитано сега