Самарас бара брзо исполнување на обврските кон меѓународните кредитори
Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска одржа средба со 11 министри со кои дискутираше за обврските на секој од нив пред следната проценка што треба да ја направат меѓународните кредитори во септември.
Министерот за реформи во администрацијата Киријакос Мицотакис по состанокот изјави дека се разговарало за сите отворени прашања во министерствата во однос на обврските кои секој ги има преземено, и додаде дека временската рамка за ставање на државните службеници во шемата за мобилност ќе се почитува.
Претставниците на тројката меѓународни кредитори (ЕУ,ММФ и ЕЦБ) на 21 септември повторно ќе ја посетат Грција за да направат нова проценка на имплементацијата на реформите кои земјата ги презеде како обврска во замена за финанскиска помош.
Моментално најголема загриженост предизвикуваат реформите во здравството и образованието, како и реконструкцијата на пошироката државна служба. Владата на Самарас мора да биде во позиција следниот месец да и покаже на тројката дека напредува трансферот на илјадници државни службеници во шемата за мобилност, каде што вработените добиваат намалена плата осум месеци пред да бидат преместени на друго работно место или отпуштени.