УМС на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги вработи активистите кои одработуваа за Сорос
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Владата предводена од Зоран Заев вработи граѓански активисти кои, како што изјави потпретседателот на партиската УМС Димче Арсовски, изминативе години одработувале за интересите на СДСМ, лажејќи ги граѓаните дека застапуваат некаков граѓански интерес.
- Поранешните невладини, а сега владини советници и чиновници докажаа дека нивната цел никогаш не била да бидат граѓански коректив на власта, туку само да се доберат до фотелји и до позиции. Нивните принципи никогаш не биле одбрана на државата и нејзините интереси, туку личниот бенефит и личниот профит, рече Арсовски од пред седиштето на Отворено Општество - Македонија.
Според него, прочитани се и добро запамтени од сите граѓани профитерите и одработувачите како Зоран Бојаровски, Бојан Маричиќ, Дане Талески, Марјан Забрчанец, Петрит Сарачини, Никола Наумовски, Петар Арсовски, Ѓунер Исмаил, Бранимир Јовановиќ, Мирослав Грчев,...
- Сорос влезе длабоко во Владата на Заев и СДС и докажа дека битката никогаш не била за слобода, демократија и правда, туку за доаѓање на власт со лаги, интриги и манипулации. Граѓаните нема да дозволат веќе никогаш да бидат манипулирани од вакви профитери и нема да дозволат никој да се претставува во нивно име, а позадински да одработува за политичките интереси на аболициран криминалец кој по секоја цена сака да ја запоседне власта, истакна Арсовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа