ВМРО-ДПМНЕ:Јанева и СЈО го кршат законот
ВМРО-ДПМНЕ има информации дека, како што велат од партијата, и покрај завршувањето на рокот, СЈО продолжува со хајката на истражни дејствија и притисоци, со што го крши законот. Со ова, сметаат кристално јасно е дека СЈО делува како општинска организација на СДСМ и води политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ.
- Член 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите гласи: „Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на превземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“. Согласно овој член, а тргнувајќи од фактот дека рокот од 18 месеци во кој Катица Јанева можеше да покрене обвиненија истече на 30-ти јуни 2017-та година, Катица Јанева после 30-ти јуни нема овластување за истражување и гонење на кривични дела за кои беше надлежна согласно донесениот закон, истакна на денешната прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Катица Јанева не е овластена и нема надлежност да превзема понатамошни дејствија во предистражни и истражни постапки за превземените предмети и материјалите за кои заклучно со 30 јуни не покрена обвинение, ниту има овластување и надлежност за отворање и водење нови кривични постапки.
Доколку Катица Јанева после 30 јуни превзема понатамошни дејствија во предистражна и истражна постапка за превземените предмети и материјалите за кои заклучно до 30 јуни не покренала обвинение, или отвора и води нови кривични постапки, додаде Костовски, сите превземени дејствија имаат третман на незаконски дејствија.
- Законите во оваа држава важат подеднакво за сите и никој не е над законот како што знае да каже и Катица Јанева. Укажуваме дека истата не е над законите во оваа држава, рече Костовски.
Потсети дека СЈО е должно сите нелегално прислушкувани материјали веднаш и без исклучок во законска процедура да ги уништи и за уништувањето на материјалите да состави записник.
Неуништувањето и нивното чување, поседувањето и користењето, потенцира тој, претставува груба и сериозна злоупотреба на службената должност и е казниво согласно закон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа