Еуфорично одбележена 26-тата годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид (ФОТО)

 

Античкиот театар во Охрид вчера беше преполн од млади членови на најголемата и најбројна младинска организација во Македонија, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се собраа на 26-тата годишна конференција на УМС. Таму се обрати и претседателот на унијата, Владимир Нелоски. Тој на младите им кажа дека можеби во овој момент не се свесни што направиле за ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија во изминативе години, но дека за 10 години ќе бидат горди на тоа.

-Особено сум горд и најдлабоко од моето срце сакам од оваа бина да Ви признаам Вам, заедно со сите членови на Извршниот комитет, дека ја заслужувате, ја имате и ќе ја имате нашата почит, респектабилност и наклонетост. Сите вие потрошивте драгоцени 3-4 години од вашиот живот заедно со нас, можеби најубавите години од вашиот живот, да им застанете на патот на предизвиците кои ни се испречија. Верувајте! Верувајте ми дека таа жртва не била залудна. Вие можеби сега не сте свесни што се сте направиле изминативе години за ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија, но верувајте дека за 10-тина години од сега ќе бидете горди на себе. Ќе се чувствувате гордо затоа што сте се бореле против тиранијата на оваа селотејп-коалиција која што е на власт во моментов и која во секој момент се обидува да ни ја распарчи државата. Сетете се дека и Гемиџиите можеби ја дадоа најсуровата своја жртва за татковината, но и многу други дејци на ВМРО од минатото, и сите ние заедно денеска сме горди на нив. Секоја генерација има своја борба, и таа борба и дело е за почит, изјави Нелоски.

Тој ја потврди поддршката на младите за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој кажа дека сите знаат кој е политичарот во Македонија, а кој е Државникот. Тој ги повика сите да го поздрават, според неговите зборови најголемиот државник во модерната историја на Република Македонија, кој и по цена на личниот кредибилитет, интегритет и живот застана во одбрана на државата и идните генерации.

-Ние сме горди што тој е наш претседател на ВМРО-ДПМНЕ! Претседателе се гордееме со вас, вие ја имате нашата поддршка од Унијата на млади сили, веруваме во вашата мудрост и истрајност како и сите граѓани. Вие ќе ја добиете оваа битка. Вашиот образ е чист и тоа сите го знаат! Додека пак другиот кој е политичарот нормално, кој сеуште не знаеме со колку пари го купија, ама знаејќи ги тендерите на неговата фамилија, сигурно се работи за огромна сума, е Зоран Заев, оној огорчен, збунет човек, кој веќе не знае на кој што му ветувал и од која страна му стигаат огромните фактури за тие што го донеле на власт. Тоа е оној човек кој сака да го уништи ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е оној човек од кој ќе се срамат идните генерации на Република Македонија. Ајде сите заедно да му порачаме! ВМРО-ДПМНЕ никој нема да го скрши, изјави Нелоски.

Тој порача дека УМС нема да останат неми во ниту една ситуација која што ја дефинира иднината. Тој ги повика младите да не трпат која ќе се обидат да им ја нанесат како горди граѓани на Република Македонија, но и како горди членови на ВМРО-ДПМНЕ. Нашата мисла е чиста и јасна, кажа Нелоски.

-Ние сме Унија на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и имаме свои принципи. Во ниту еден момент не треба да се поколебате да направите нешто корисно за вашата држава. Да, ние сме семејство на модерни луѓе кои се реализираат во најразлични сегменти. Ние сме отворени за буквално секој еден млад човек кој сака да се реализира, да напредува и да дејствува за својата држава. Ние никого не дискриминираме. Секој кој е подготвен да ја води нашата битка за иднината на Македонија и да направи нешто корисно за секој еден млад човек и идните генерации е добредојден. Ова се модерни времиња, секој има свој начин на делување, а ние сме модерна младинска организација која брои над 55.000 членови. Секој ако кохезивно со една мисла и идеја делува заедно со нас на свој личен начин може уште веднаш да ни се приклучи и уште веднаш може заедно со нас да продолжи. Нашите врати се отворени, порача Нелоски.

 

 

 

 

10.07.2017 - 16:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега