Симон Трпчески за прв пат ќе настапи во Мексико и Колумбија

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески вечер ќе го има својот деби рецитал во Мексико Сити.

Тој ќе одржи солистички концерт во „Театарот на убави уметности“ во мексиканската престолнина, а ќе ја изведе истата програма со која настапи во Котор: Брамс, транскрипции на Лист од Шуберт, како и Втората рапсодија на Лист.

- Навистина е прекрасно овде, луѓето се со менталитет сличен на нашиот и се надевам дека ќе имам прилика да научам нешто повеќе за нивната култура, изјави Трпчески.

На средбата со новинарите пред настапот тој му оддаде признание и на големиот мексикански поет Хосе Емилио Пачеко, актуелен лауреат на „Златниот венец“ и гостин на годинашните „Струшки вечери на поезијата“.

Од Мексико, Трпчески продолжува во Меделин, Колумбија каде што в сабота ќе го има своето деби.

Турнејата ја продолжува во Бразил, каде  по пауза од три години, на крајот од месецов ќе настапи три вечери во бразилската метропола Сао Паоло. 
 
- Во Сао Паоло ќе настапам со Синфонискиот оркестар на овој град под палката на шеф-диригентот на овој, но и на Балтиморскиот оркестар и водечката светска дама зад пултот Марин Олсоп. Заедно ќе изведеме две дела: Пијано концертот број 1 од Шостакович и јужноамериканската премиера на „Фантазијата на две фолклорни теми“ од Дамир Имери. Македонското дело беше вклучено во програмата и по желба на госпоѓа Олсоп, што за мене претставува посебно задоволство и чест. Таа е вистински поддржувач на ова дело што не е за изненадување со оглед на нејзиниот голем интерес за современата музика и почитта што ја има кон македонската музика. Концертираме три вечери едно по друго, на 29, 30 и 31 август, изјави Трпчески.

Тој на почетокот од следниот месец ќе биде солист на Филхармонискиот оркестар од Лос Анѓелес на отворената сцена на прославената „Холивуд Боул“.

Македонскиот пијанист новата концертна сезона ја започна нетипично уште во првите денови од август, со двата настапа на Котор Арт фестивалот во Црна Гора и неколку во Норвешка во рамките на Ставангер музичкиот фестивал.

Неговиот последен компакт-диск со снимка од рециталот во лондонски Вигмор Хол, пак, деновиве беше прогласен за издание на неделата на престижното „Класик ФМ“ радио во британската престолнина.

22.08.2013 - 10:36
Фото: 
е-вести

најчитано сега