Грозданов: Правиме баланс на пазарот кај цената на становите

 

-Акционерското друштво за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор во државна стопственост продава поевтини  станови  во споредба со приватните фирми затоа што настапува со најниска маржа, а има исти давачки за сите останати трошоци што влегуваат во формирањето на цената по метар квадратен, оцени денеска на прес-конференција директорот на АД за стопанисување и изградба со станбен и деловен простор Цветко Грозданов, реагирајќи на тврдењата на одредни приватните фирми дека државното акционерско друштво при утврдување на цената нема исти давачки, односно не плаќа ништо. 

Според Грозданов, становите што ги продаваат во Реонски центар во Општина Аеродром за кои може да се аплицира да се купат преку проектот „Купи куќа-купи стан“ со почетна цена од 795 евра за метар квадратен без 5 проценти ДДВ се меѓу најниските цени на пазарот, но и оти и со таа цена имаат заработувачка.

- Акционерското друштво за стопанисување  со станбен и деловен простор во државна сопственост, прави баланс на цената на пазарот за да не дојде до нејзино вештачко зголемување. И во оваа цена од 795  евра имаме заработувачка. Тие средства што ги имаме од самата маржа ги реинвестираме во градба на социјално ранливите категории. Исто така во овој комплекс во РЦ Аеродором 10 проценти од помалите станови  ги отстапуваме за децата без  родители, рече Грозданов.

Најголем удел, појасни,  има цената на градба, па цената на градежното земјиште,  комуналиите и сите други трошоци. Приватните фирми одат со многу повисока заработувачка и многу поголема маржа, тврди Грозданов. Нивните трошоци за комунално уредување за седумте згради со станови во Реонски центар ги чинеле 151.750.494 денари и како што тврди и  приватниот и јавниот сектор плаќаат ист износ.  

Во изминатите два дена, како што информира Грозданов, имало интерес од над 200 граѓани за становите во Реонски. Таму веќе се продадени 60 проценти од становите. Продадени се и 60 проценти од становите што ги гради државното претпријатие кај Радиобран, но тие се по цена од 1.100 евра за метар квадратен. Потешко оди продажбата на становите во внатрешноста. Таму цените по метар квадратен се движат од 500 до 700 евра. Поради се помалиот интерес за становите во Охрид планираат намалување на цената за околу 50 евра. Најевтини се становите во Битола, Струмица и во Прилеп. 

22.08.2013 - 14:17
Фото: 
Утрински

најчитано сега