Делев: СДС и Тевдовски упорно продолжуваат со задолжување на Македонија, за 3 месеци издадени државни хартии со вредност од 145 милиони евра
Неспособниот министер за задолжување упорно продолжува со задолжувањето на Република Македонија. Владата на СДС и Тевдовски денес се задолжија за нови неверојатни 2.70 милијарди денари односно 43.9 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Заедно со денешната аукција за овие три месеци министерот Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра. Средствата се собираат дирекно од Македонските банки кои наместо да се користат за кредитирање на Македонското Стопанство се користат за покривање на буџетската дупка. Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат каде ќе одат народните пари со кои неспособната влада на СДС ја задолжува државата. Владата на СДС за овој период ниту еднаш не се обиде да го намали јавниот долг како што ветуваше туку напротив се повеќе долгот се продлабочува, истакна Христијан Делев на денешната прес-конференција.
Вистинското лице на владата на СДС, додаде тој, се виде и со ребалансот на Буџетот со кој се предвидува дополнително задолжување од 150 милиони евра.
-А, згора на сето тоа започнаа да ги топат и девизните резерви, буџетската сметка е во минус над 60 милиони евра, средствата од издадената обврзница од кој поголем дел се потрошени. Владата на СДС крие колку се намалени приходите во буџет со стопирање на сите инфраструктурни проекти и со погрешната политика и пристап кон странските инвеститори. Владата на Заев мора да запре со неконтролираното задолжување и да одговори на македонската јавност каде парите ќе бидат искористени, рече Делев и запраша:
„Дали со овие пари со кои ја задолжуваат државата СДС ќе ги исполни предизборните ветувања за ветената минимална плата од 16.000 денари, ветената просечна плата од 30.000 денари и плата од 100.000 денари за докторите, бидејќи нив се уште ги нема, а граѓаните и докторите ги очекуваат. Или сепак овие пари ќе одат за луксузирање на СДС, и покривање на партиските вработувања во институциите и забрзаната партизација на државниот апарат“.
СДС, додаде тој, многу брзо ќе сноси политичка одговорност, на локалните избори народот ќе му ја испрати пораката на незадоволство од неспособниот премиер Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа