„Сахара груп“ денеска ќе ја преземе „Џумајлија“

 

Индиската компанија „Сахара груп“ денеска го почнува проектот за реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“, инвестиција од околу 200 милиони евра.

На првата сеидба со која ќе се официјализира почетокот на инвестицијата, е најавено присуство на претставник на Сахара Пјур А.П. Синха, на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски. 

„Сахара груп“ го доби земјоделското земјиште во пропаднатиот агрокомбинат на концесија од 15 години со можност за продолжување, а закупот што треба да го плаќа годишно е 121.000 евра. Трансфер на нови технологии, експертско знаење и вработување 2.000 лица се само некои од очекуваните придобивки.

Индискиот инвеститор, кој за реализација на проектот депонираше и банкарска гаранција, со договорот со македонската Влада, најави и набавка на 20 илјади крави, изградба на капацитет за преработка на 80 илјади литри млеко дневно, како и на објект за производство на сточна храна.

Работна група со експерти од повеќе сфери битни за инвестицијата на Сахара груп, катастар, животна средина, локална самоуправа,... веќе работи на подготовките за реализација на инвестицијата.

Најавените 2.000 вработувања треба да бидат од различни профили поврзани со земјоделството.

„Џумајлија“ е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обработливо земјиште и 6.000 хектари пасишта, винарска визба, млин, фарма со капацитет од 1.000 овци и 200 крави. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури.

27.08.2013 - 08:35

најчитано сега