Се уште гори огнот во владината коалиција

 

Се уште гори во владината коалиција. И покрај обидите на премиерот Заев да го изгасне огнот, вчерашното гостување на Зијадин Села во Топ Тема на Телма уште еднаш потврди дека се уште стои голем камен за спомнување на патот меѓу Села и Ахмети.
Првиот човек на Алијансата за Албанците вели дека шпекулациите дека тој ја напушта владината коалиција се производ на кујните на ДУИ и дека нивна цел е да се заплашат и изманипулираат гласачите пред вториот круг на локалните избори.

Села вели дека ДУИ не може да ги носат реформите во Владата бидејќи тие се дел од „режимот“ и треба да одговараат.
„Имајќи предвид дека ДУИ е во Владата како дел од стариот режим кој требаше да си замине, тие не можат на никаков начин да бидат носители на некакви реформи. Тие треба да одговараат за сите криминали кои се направени.“ – вели Зијадин Села.

Тој не го криеше незадоволството од одлуката на Заев да го поддржи ДУИ на локалните избори.

„ Во случајот, Заев, многу ми е смешно, не е баш смешно, тоа е болно, не е смешно. Излегува во Гостивар и вели дека со крената глава, со неколку лузни на лицето, бара поддршка за Невзат Бејта. А не знам дали беше свесен кога го кажа ова дека Зијадин Села, неговиот коалиционен партнер има неколку лузни, не на лицето, туку внатре во мозокот, што е многу пострашно од неговите лузни кои ги има на лицето.
Мислам дека можеби политички неговото однесување е ок, но човечки не е ок.“ – вели Села.

Тензијата во албанскиот дел од владината коалиција изби кога Села реши да направи коалиција со опозициската БЕСА за меѓусебна поддршка во вториот круг од локалните избори. Токму тоа беше причина ДУИ веднаш да излезе со став дека по изборите коалицијата ќе направи анализа која треба да даде одговор на прашањето дали Алијансата треба да остане дел од Владата.
Интересно е што токму албанските политички партии изгледа ќе ја водат најинтересната битка во вториот круг и меѓусебно ќе си ги одмеруваат силите, со оглед на фактот што најголемите единици на локалната самоуправа каде што градоначалници редовно се етнички Албанци првиот човек на општината ќе го бираат во недела.
И самиот Села ќе се бори против ДУИ во Струга, а неговиот сопартиец Таравари со Невзат Бејта во Гостивар. Со поддршката од Села, математиката од првиот круг вели дека интересна битка меѓу ДУИ и БЕСА може да има и во Чаир и Тетово. 

 

 

 

26.10.2017 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега