Села на половина пат меѓу власта и опозицијата
Прилично острите реплики од лидерот на Алијансата Зијадин Села по локалните избори и поразот кој тој го доживеа во градоначалничката битка за Струга ја отворија дилемата дали ќе има рекомпонирање на собраниското мнозинство и владината коалиција.
Шефот на изборниот штаб на партијата на Села, вчера во изјава за медиумите рече дека Алијансата останува дел од Владата.
„Владата е еден систем, едно мноштво кое треба да се состои од единици кои имаат заеднички особини. Во конкретниот случај, ние се сметаме како реформска Влада и не гледам причина Алијанса за Албанците да не биде дел од оваа Влада, бидејќи ние сме се определиле за реформи“, изјави шефот на изборниот штаб на Алијансата, Елми Азири.
За разлика од партискиот став, изјавите на Села дадоа друга боја на целата слика. По шпекулациите дека токму тој би можел да го наследи Таравари на позицијата Министер за здравство, Села вели дека од почит кон себе, не може да биде министер на Заев.
„ Јас министер на Заев!? Па Ве молам, се сметам себеси за човек кој има самопочит и интегритет, изјави Села за Макфакс, без да прецизира дали ова значи дека Алијансата за Албанците ќе ја напушти владината коалиција.
Дека Села и партијата не се на иста бранова должина потврди и новоизбраниот градоначалник на Гостивар од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата на Села за изборни нерегуларности. Рече дека не се видел до лидерот за да разговараат за состојбата.
– Јас немам точни информации што се случило во Струга, не сум се видел со лидерот, се слушнавме по телефон, ми честиташе. Ќе седнеме со него, ќе анализираме, ќе видиме дали имало злоупотреби во гласачките места во Струга. Знам дека тој е морален победник во Струга, бидејќи во првиот круг го победи Рамиз Мерко, како и во однос на советничката листа, и сега зеде огромен број на гласови меѓутоа не знам како се случило… рече Таравари.
Дали во партијата на Села постои разногласие тешко е да се констатира, но на очиглед е дека ставовите во медиумите не се прецизно координирани поради што и не може да се одреди позицијата на Села и неговата партија на патот меѓу Владата на Заев и делувањето од опозиција.
Како и да е, Села очигледно ја загуби клучната улога која ја имаше при формирањето на Владата. Еден од неговите тројца пратеници веќе му откажа послушност, а медиумите објавија дека на вратите на Илинденска веќе тропа Мендух Тачи чии двајца пратеници се сосема доволни за да го заменат Села. Се чини Тачи нема да има проблем да седне во фотелјите кои претходно ги држеа луѓето на Села, кои пак, си заминаа токму од неговата партија и го формираа Движењето за реформи на ДПА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа