Законот за јазици се враќа во Собранието
Законот за албанскиот јазик, во четврток се враќа во Собранието на Македонија, јавува ТВ21. Предлог законот за употреба на јазиците заглави уште при првото читање, а претставници на политичките партии од парламентарното мнозинство и натаму даваат различни изјави . Координаторот на парламентарната група на СДСМ, Томислав Тунтев, вели дека неговата партија е подготвена да направи измени во законот и дека е во контакт со експерти од разни области со цел да изработи поквалитетен документ.
Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, вели дека законот за јазиците не е заглавен, туку дека се очекува дури и поддршка и од опозицијата, за усвојување.
Од Беса и натаму тврдат дека законот во формата која се предлага не придонесува за официјализирање на албанскиот јазик.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на законот и јавна дебата за поширока употреба на јазиците.. Според партијата, овој закон не им помага на граѓаните на Македонија и не ги опфаќа другите етнички заедници. Расправата за законот беше прекината пред почетокот на кампањата за локалните избори.
Со предлог-законот се очекува унапредување на употребата на албанскиот јазик на локално и централно ниво, односно уредување на начелата, начинот и одговорноста на институциите да обезбедат официјална употреба на јазикот кој го говорат најмалку 20% од жителите на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа