ВМРО-ДПМНЕ: Со измените на законот ќе се политизира целокупната администрација а многумина ќе останат без работа

 

Со измените на законот за државна администрација се отвора вратата за партиски вработувања и бркања од работа на вработените кои не се политички подобни. Ова не е реформа, туку политизација на целокупната администрација по која многумина политички неподобни ќе останат без работа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Постојниот закон за државна администрација беше донесен во целосна согласност со европското законодавство и беше највисоко оценет од експертската јавност. Новите измени кои ги предлага владата се во насока на рушење на постојните стандарди и воведување на полесни механизми за бркање од работа. Вработените ќе бидат незаштитени, со што се нарушуваат основните работнички права. Вчудоневидувачки е тврдењето на владата дека полагањето на психолошки тест преставува отежнувачки фактор за вработување, напротив тој ја има спротивната улога, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се додава:

 

„Наместо напредна администрација компетитивна со европската, владата планира укинување на потребата за приложување меѓународни сертификати за познавање на еден од трите странски јазици. Токму овој критериум им дава предност на компетитивните и спремни кадри да аплицираат на работните места.  Постоењето на меѓународни сертификати издадени од релевантни и меѓународни признати установи владата планира да ги замени со обичен тест кој ќе го спроведува владина институција што преставува механизам за манипулација и субјективност при изборот единствено на партиски подобните кадри. Можноста која се предлага за унапредување по неколку скалила одеднаш преставува деградирање на целокупниот систем и можност партиските кадри на СДС без потребното искуство да бидат унапредени“.

Најскандалозното е, стои во соопштението, што со новите измени се предвидува и механизам за директно бркање од работа нa вработени службеници кои се со долгогодишни решенија за работа.

-Имено со новите измени предвидуваат дека со две негативни оценки добиени од претпоставениот, за кого е сигурно дека се партиски кадри на СДС, службеникот да може добие отказ без било каков приговор. Со овие измени се укинува системот граден според придонеси и компетенции, и се воведува систем на грабеж со кој се означува целосно партизирање на администрацијата. Се врши целосна ерозија на систем граден со години.

 

 

 

 

08.11.2017 - 14:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега