ФОТО: Погледнете како беше одбележан Денот на рударите во Македонија
Денот на македонските рудари денеска традиционално беше одбележан во Рудникот за јаглен „Суводол“. Во оваа прилика беше нагласена клучната улога на рударите при процесот на производство на електрична енергија и постигнатите резултати во периодот помеѓу двата празници.
- Нашите рудари покажаа дека имаат капацитет и знаење да одговорат на сите предизвици пред кои се исправени, обезбедувајќи ги неопходните количини на енергетска суровина, потребна за континуирана работа на енергетските блокови на РЕК„Битола“, кои испорачуваат повеќе од 70 отсто од вкупното домашно производство на електрична енергија, истакна Мавровски.
Директорот на РЕК „Битола“, Мирко Ристевски го истакна значењето на рударите во остварувањето на крајните производствени резултати на РЕК„Битола“.
- Уште еднаш сме овде да ја истакнеме вашата значајна улога, да оддадеме признание на вашата тешка професија, за огромниот напор што секојдневно го вложувате и им давате живот на овие рудници. Со посебна почит ќе ја нагласам вашата јасна определба - обезбедување континуирана работа на РЕК „Битола“ и градење стабилен енергетски систем на Република Македонија, порача Ристевски на рударите.
Според Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ, врвен приоритет за компанијата останува одржувањето на стабилно производство на јаглен од рудникот „Суводол“, продолжување на работниот век на РЕК „Битола“ за наредните две децении, како и отворање на новиот јагленокоп Брод – Гнеотино заедно со подинските јагленови серии.
- Во моментов сите три јагленокопи се во функција. Во функција е и главниот транспортен систем за континуиран дотур на јаглен од површинскиот коп „Брод – Гнеотино“ до рудникот Суводол во должина од 10 километри, инвестиција вредна 18,6 милиони евра. Годинава, започнавме со изградбата на асфалтниот пат од селото Новаци до површинскиот коп Брод – Гнеотино со должина од 11 километри, инвестиција вредна околу 1,8 милиони евра и со овој зафат, на најдобар начин ги заокружуваме активностите поврзани со новиот рудник „Брод – Гнеотино“, истакна Бошковски.
Бошковски потсети дека во тек се интензивни истражувања на јагленот во потенцијалните лежишта во Живојно и останатиот Мариовски басен, во функција на долгорочно обезбедување енергенс за РЕК „Битола“, а со тоа и долгорочна енергетска стабилност на Република Македонија.
На прославата во рудникот „Суводол“ традиционално беа прогласени и најдобрите рудари за оваа година, како и победниците на спортските работнички игри, организирани од синдикалната подружница на РЕК „Битола“ во чест на Денот на рударите.
Денот на рударите беше пригодно одбележан и во рудниците на РЕК „Осломеј“ каде исто така беа прогласени најдобрите рудари помеѓу двата празници.