Груевски ветува ферско сместување во студентските домови

 

Од одговорните на студентските домови се очекува доследно да го применуваат Законот за студентски стандард и да одбиваат какви било ургенции да сместуваат лица што не ги исполнуваат критериумите. Тие треба да имаат интегритет и да се спротивстават на притисоци, а во спротивно ќе бидат казнети согласно со законот, порача денеска премиерот Никола Груевски. 

Министерството за образование и наука утре ќе објави нов оглас за електронско аплицирање за сместување во студентските домови, зашто е откриено дека околу 45 отсто апликации во првото пријавување биле со неточни податоци и поради тоа одбиени.

Тоа е во насока на доследно почитување на Законот за студентски стандард, чии измени, на предлог на Владата, Собранието ги донесе  во вторникот. Со нив студентските легла во домовите ќе бидат распределувани по точно утврдени критериуми и категоризација на студентите. Следува разрешување од функцијата и високи парични казни за директорот на Студентскиот центар (од 7.500 до 15.000 евра) и за управителите на домовите (од 5.000 до 7.000 евра) ако допуштат прекршување на Законот.

На пленарната седница измените ги поддржаа и пратеници на опозицијата, иако резервирани во примената, па  прашаа што ако и врз раководителите на домовите се врши притисок да сместуваат лица.

Премиерот Груевски денеска во изјава на медиумите на тоа одговори дека и во такви случаи одговорните ќе бидат разрешени и казнети.

- Доколку на одговорните некој им нареди да сместуваат свои лица и тие тоа го прифатат при здрав разум и чиста свест, одговорните ќе бидат разрешени и ќе бидат казнети согласно со новиот закон. Ќе се земе предвид кој им вршел притисок, тоа нема да остане така, бидејќи за тоа треба да има докази. Нивно е тие да имаат интегритет и да ги издржат сите можни притисоци од каде и да се и од каков вид на луѓе да доаѓаат. Тие треба да кажат: Јас не можам да работам против законот. Главната одговорност е кај тие што ја носат одлуката согласно со законот и затоа казната е за нив, рече Груевски, нагласувајќи дека новиот закон овозможува да се стави ред во повеќедеценискиот проблем на неправична распределба на леглата.

Со повторниот оглас за сместување одбиените имаат нова можност да аплицираат зашто речиси половина од пријавите на првиот оглас доставиле неточни информации за семејни примања што не се совпаѓаат со податоците од Управата за јавни приходи.

- Со елиминација на тие 45 отсто, ќе има слободни места и ќе има нова тура поднесување апликации и документи. И тие што излажале ќе имаат можност пак да конкурираат, но само доколку ги исполнуваат условите. Првпат во историјата на Македонија не само што ќе нема недостиг на легла, туку ќе има слободни и затоа ќе има втор круг, додаде Груевски по промоцијата на нови наслови од проектот за превод на 1.000 стручни книги.

Законот предвидува и контроли од просветната инспекција најмалку двапати годишно за кои директно ќе ја информира Владата со извештаи, по кои ќе се постапува ако има отстапки од Законот за студентски стандард.  

Првиот конурс за прием на студенти во државните студенстски домови МОН го објави на 15 јули и беа слободни 6.369 места.

Ресорниот министер Спиро Ристовски за утре најави прес-конференција на која во детали ќе соопшти  податоци за слободни места во домовите и за неправилности поради кои апликантите биле дисквалификувани.

29.08.2013 - 15:28
Фото: 
миа

најчитано сега