ВМРО-ДПМНЕ најавува радикализација на протестите
На протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда денеска пред граѓаните се обрати Дарко Костовски. Тој кажа дека да ги браниш македонските национални интереси е света должности и кажа дека токму за тоа ВМРО-ДПМНЕ постои.
-Денеска видовме како СЈО, кое што нема никаков легитимитет, меѓутоа нема ниту никаква правна основа да постои, особено да не поднесува нови монтирани случаи кои што ги делегира директно СДСМ, денеска повторно измонтираа неколку случаи. Се со една цел, максимално да ја дефокусираат јавноста за да ја затскријат целата неспособност на оваа т.н. Влада или полициска хунта, која што по сите основи не дава никаков резултат, изјави Костовски.
Тој потенцираше дека лично смета дека во овој период има најголема криза во историјата на Македонија, во однос на националните и државни интереси, што според него се случува поради оваа власт, но порача дека народот тоа го гледа и дека наскоро ќе даде одговори за се тоа.
-Јавното обвинителство е целосно под диктат на СДСМ и тоа го покажува периодов, од страна на оваа т.н. Влада. Од тоа јавно обвинителство произлегоа сите овие неправедни моменти, кои што македонската историја ќе ги памети. Многу луѓе притворија затоа што си ја сакаат оваа држава, меѓутоа десетици од нив замислете и ги обвинија за тероризам. Чесни, праведни луѓе кои што се домаќини, родители. Она што е многу важно, покрај тоа што ги обвинија за тероризам, ги однесоа и во притвор, го прекршија грубо членот 134 од Законот за кривична постапка. Тие луѓе ниту бегаат, ниту се кријат, затоа што единствено дело кое што го имаат направено е почитување сакање и борба за македонските национални интереси. Од такво дело никој не се крие, изјави Костовски.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ бара итно да бидат ослободени сите оние кои што се притворени, само затоа што се против власта и си ја сакаат државата, како и да запрат сите процеси кои ги има и кои ги планираат против оние кои не размислуваат како власта.
-Не смее власта да се однесува како полициска хунта. Овие два барања мора да бидат остварени, заради тоа што се до тој момент овој народ нема да се повлече од улица, протестите секако дека ќе се радикализираат, блокадите на улиците ќе се радикализираат итн., изјави Костовски.
Тој го спомена и однесувањето на полицијата на Табановце и кажа дека по книга по политички науки така се однесува политичка хунта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа