Поевтини зејтинот во Македонија
Маслото за јадење поевтини за 13 проценти. Така, литар „Kристал“ чини 68 наместо 78 денари, колку што чинеше досега.
Падот на цената на маслата на светските берзи, се одрази и врз цената во Македонија, па така, македонските производители го поевтинија овој основен прехранбен производ.
Од велешката фабрика за масло „Благој Ѓорев“ велат дека поевтинувањето се должи на намалените цени на суровото сончогледово масло.
-Цената на сончогледот на светските берзи и на суровото сончогледово масло е во опаѓање. Богатиот род на сончогледот во соседството, во Бугарија, Србија, Романија, но и во Украина придонесе да се намали цената по тон. Не може да се каже до кога ќе трае овој тренд, но во зависност од тоа ќе се формира и цената на македонскиот пазар, вели извршниот директор на велешка Маслодајна, Горан Лазов, пренесува „Утрински“.