Презентиран буџетот на општина Гостивар, мнозинството смета дека треба да се доработи
Предлог буџетот на гостиварскиот градоначалник достигнува една милијарда денари, но за советниците кои имаат мнозинство во советот, тој е не прифатлив. Градоначалникот Арбен Таравари смета дека тој треба да се донесе, а забелешките да се исправаат со ребаланс.
Најважниот финансискиот документ кои локалната самоуправа го стави на увид и во координација со градоначалникот, вчера беше презентиран во салата на советот.
- Со овој буџет предвидени се некои капитални инвестиции, продолжување на некои започнати проекти пред ја преземам функцијата градоначалник. Со овој буџет опфатени се исплатите на долговите кои сме ги наследиле од околу 2,5 милиони евра. Предлог буџетот е испратен до советниците уште пред две недели, но тие не изнајдоа решение. Впечатокот е како да сакаат да нѝ пречат во функционирањето. Јас најискрено се надевам оваа состојба ќе се надмине и ќе дојдат пред сé да дискутираме за буџетот, а потоа и да гласаме, рече Таравари на презентацијата на буџетот.
Најголем дел од буџетските приходи се дотации, па потоа следуваат даноци и трансфери. За Советот на општината вклучувајќи ги основните плати, надоместоци, трошоци, трансфери се планирани околу 16 милиони денари, за градоначалникот 12 милиони денари, а за општинската администрација речиси 93 милиони денари. Во предлог буџетот се предлага за изградба и реконструкција на локални патишта и улици да се издвојат 66 милиони денари, за водоводни линии девет милиони, а за канализации седум милиони денари.
За членовите во гостиварскиот совет кои формираа мнозинство и не се во коалиција со партијата на која и припаѓа градоначалникот, предлог буџетот на општина Гостивар за 2018 година, во сегашната верзија е неприфатлив, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Зоран Ангелов.
- Ние, заедно со другите советници од мнозинството претходно на средба со градоначалникот разговаравме за буџетот. Тогаш тој и самиот се согласи дека е потребна доработка, но бараше да го изгласаме, па веднаш потоа да се прави ребаланс. Со оглед на тоа дека има рок до крај на март да се донесе буџетот, наш предлог беше да седнеме и заедно да работиме на некои измени. Очекувам да се расправа за буџетот на првата наредна седница и да ги внесеме забелешките со работа во комисиите, рече Ангелов додавајќи дека Таравари се согласил на ваквиот предлог.
Претседателот на советот на општина Гостивар, Насир Муслиу во изјавата дадена минатата недела, рече дека ќе свика седница за разгледување на предлог буџетот после празниците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа