Престанува да важи мерката за условен увоз на пченица

 

 

Заштитната мерка за условен увоз на пченица од денеска престанува да важи. Владата одлучи да ја укине откако оцени дека пазарот е стабилизиран и оти се надминати сите предизвици кои може да предизвикаат евентуални нарушувања.

Наскоро, до кројот на првата половина од месецов, се очекува да биде укината и мерката за условен увоз на брашно зашто и во овој сегмент пазарот е стабилизиран.

Мерката беше воведена на 1 јули годинава за да се заштити домашното производство и требаше да важи до 31 декември доколку претходно не се создадат услови за нејзино укинување.  Предвидуваше за килограм увезена пченица да се откупат три килограми домашно жито, а за килограм увезено брашно четири килограми домашна пченица.

По воведувањето на мерката реагираше Србија која во Македонија годишно извезува околу 50.000 тони пченица и до 40.000 тони брашно.

02.09.2013 - 09:05
Фото: 
економски.мк

најчитано сега