Позитивните економски движења ќе продолжат и во втората половина од 2013“

 

Очекувањата на Стопанската комора на Македонија за економската активност во втората половина од годината се позитивни за што потврда се податоците за растот на индустриското производство и зголемениот обем на работа во градежништвото.

Комората смета дека позитивните економски движења од првата половина од годината ќе продолжат и во второто полугодие и за неа е реалност дека планираните проекции за 2013 годината ќе бидат реализирани.

- Она што не охрабрува е дека прометот на индустриското производство се зголеми за 6,9 проценти и тоа на странскиот пазар за 12,8 отсто, бројот на работниците во индустријата за шесте месеци е пораснат за 0,6, а зголемена е и вредноста на извршените работи во градежништвото и вредноста на договорената работа за 18 проценти, истакна денеска на прес-конференција Стојмирка Тасева од Стопанската комора. 

Според Комората, добро е и тоа што се забележуваат позитивни движења во туризмот, а има зголемување и на извозот.

Сепак, од Комората предупредуваат дека и покрај позитивните тенденции и очекувањата тие да продолжат и во иднина, треба да се биде претпазлив затоа што ризиците сеуште постојат. Сигурноста на позитивните економски тенденции и одржливоста ја гледаат во извозот и во реиндустријализацијата.

- Најголеми ограничувања за порастот на економските активности во нашата земја се недоволната странска  и ограничената домашна побарувачка, финансиските проблеми и неизвесноста на економското опкружување. Треба да бидеме претпазливи и треба да се работи позитивната тенденција да се стабилизира и да и се обезбеди одржлив развој, рече Тасева.

Најважно е, велат од Комората, вложување во модернизацијата на постојните капацитети и поттикнување на инвестициите за нови капацитети согласно барањата на пазарот. 

02.09.2013 - 14:48

најчитано сега