Маслодајна ќе го откупува сончогледот за повисоки цени
Велешки „Благој Ѓорев“ ќе го откупи сончогледот на македонските земјоделци по повисока цена од онаа што се нуди на агро берзите. Како што информираат од компанијата, во моментов цената на тон сончоглед на светските берзи изнесува околу 120 евра, а откупната цена со која „Благој Ѓорев“ ќе го откупи сончогледот ќе изнесува 250 евра за тон.
- Како единствени откупувачи на сончогледот од македонските сончогледови полиња, Благој Ѓорев се одлучи оваа година на македонските земјоделци да им понуди поголема откупна цена со која се надеваме ќе го стимулираме понатамошното одгледување и производство на оваа култура. Свесни сме за недостигот на домашното производство на сончоглед, па на овој начин сакавме да ги мотивираме и охрабриме нашите земјоделци да ги зголемат своите капацитети и следната година да излезат со поголемо производство на маслодајни семиња, истакнува генералниот директорот на „Благој Ѓорев“ Горан Лазов.
Од компанијата наведуваат дека ова доаѓа по намалување на цената на маслото за јадење, кое пак е резултат на намалувањето на цените на сончогледот и сировото сончогледово масло на светските берзи.
- Богатиот род на сончогледот во соседството Бугарија, Србија, Романија но и во Украина придонесе да се намали и цената по тон. Не може да се каже до кога ќе трае овој тренд, но во зависност од него ќе се формира и цента на македонскиот пазар, вели Лазов.