ВМРО-ДПМНЕ: Нема никаков договор со власта за Законот за јазиците – Џафери да го повлече

 

„Воопшто не се разговарало за законот за јазиците на работните групи“, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ за Press24 коментирајќи ја изјавата на Талат Џафери дека очекува во наредните неколку дена да се најде решение за законот за јазиците кое нема да значи дека ќе почне амандманската расправа по нив, односно дека ќе се најде начин тие да бидат заобиколени. 

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивниот став останува непорменет.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека Законот за двојазичност излегува надвор од Уставот, истиот е неприменлив и не само што не придонесува за поголема кохезивност во македонското општество туку носи и огромен ризик да предизвика далекусежни последици.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, дека не смее да се повтори грешката и на мала врата, без соодветна дебата, со незаконско исцртување на европско знаменце вакви чувствителни решенија да се носат во скратена процедура.

ВМРО-ДПМНЕ повика законот да се повлече и да се стави на поширока дебата во која би партиципирале и експерти но кога конструктивните барања не наидоа на соодветен прием, пратеничката група предложи амандмани за да се коригира спорната содржина. Очекуваме Собранието да го почитува Деловникот и Законот за Собрание и да ги разгледа предложените амандмани“ – вели висок извор од ВМРО-ДПМНE за Press24.

Судбината на Законот за јазиците стана неизвесна кога опозицијата поднесе над 35.000 амандмани, незадоволна што мнозинството целата процедура за донесување на законот ја водеше зад европското знаменце и комплетно ја блокираше дебата во законодавниот дом. Откако беше донесен, Законот за јазиците наиде на блокада о Претседателот Иванов кој го искористи правото на суспензивно вето и му го врати законското решение на Собранието, заедно со своите забелешки кои подоцна ВМРО-ДПМНЕ ги искористи како основа за поднесување на амандмани.

 

 

 

28.02.2018 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега