За 7 месеци Македонија остварила 6,18 милијарди долари трговска размена со странство
Вкупната размена на Македонија со странство во првите седум месеци од годинава изнесува 6.182.009.000 американски долари, а најмногу или 49,6 отсто се тргувало со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија.
Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, извозот на стоки е 2.407.356.000 долари, а увозот 3.774.653 илјади долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 63,8 отсто. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јули 2013 година, изнесува 1.367.297 илјади американски долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, производите од железо и челик (валани производи) и електричната енергија.
Во периодот јануари-јули 2013 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ со 73,3 отсто и земјите од Западен Балкан со 17,6 проценти. Во увозот на стоки најголемо учество имаат, исто така, земјите-членки на ЕУ 61,8 отсто.