Зголемен бројот на сообраќајни несреќи во Крива Паланка и Ранковце

На подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце за десет отсто е зголемен бројот на сообраќајни несреќи во текот на второто полугодие на изминатата година, споредено со истиот период во 2016 година.

Лани во последните шест месеци се случиле 42 сообраќајни незгоди, во кои биле повредени 37 лица. Во 2016 година се случиле 38 незгоди, што претставува зголемување од 10,5 отсто, се наведува во информацијата за преземени мерки и активности во текот на второ полугодие од 2017 од страна на Полициска станица од општа надлежност Крива Паланка.

Информацијата на последната деветта седница на Советот на општината, ја презентираше командирот на ПС од ОН Крива Паланка, Дејан Маринковски.

- Во текот на извештајниот период од вкупниот број случени незгоди, во една има еден загинат, 25 сообраќајки се со повредени лица, во кои вкупно, полесно или потешко, повредени се 37 лица. Останатите 16 сообраќајни несреќи се само со материјална штета, која ивнесува под 50 просечни плати во стопанството, рече Маринковски.

Вкупната материјална штета во незгодите изнесува околу 4.408.500 денари.

Во извештајот се наведува и дека за управување под дејство на алкохол, без возачка дозвола, како и управување технички неисправно или неисправно возило, исклучени биле 42 возачи и 51 возило, алкотест бил употребен во 31 случај, при што во шест случаи возачите покажале знаци на алкохолизираност, а времено биле одземени 17 возачки дозволи.

Во последните шест месеци од 2017 година во ПС од ОН Крива Паланка на превентивно-репресивен план во рамки на проектот „Безбедни училишта“ беа организирани трибини, тркалезни маси, редовни состаноци со работните групи и училишни тимови за безбедност, со учениците од ученички дом „Боро Менков“, детска градинка „Детелинка“, од Крива Паланка, основните и средното училиште од Крива Паланка.

По основ на проектот „Безбедно во сообраќајот“ - за поголема безбедност на најмладите како учесници во сообраќајот, во Ранковце и Крива Паланка, одржани се средби на тема „Почитувај ги сообраќајните правила и прописи-почитувај го својот живот“. Спроведени се и соседски патроли со цел реализација на проектот „Полиција и граѓани-заедно“ на тема „Повлечи потег, заштити го својот имот на време“ и „Заедно за поголема безбедност“.

 

 

 

04.03.2018 - 11:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега