Стаменковска: СДСМ ги излажа граѓаните дека ќе го намали бројот на министерски места
СДСМ од опозиција ветуваше намалување на бројот на министри во владата од 26 на 20. СДСМ од позиција на власт не го намали бројот на министерски места. Бројот на министерски места остана ист.
СДСМ пред граѓаните за време на својата предизборна кампања, но и во својата програма се обврза пред граѓаните дека бројот на министри во нивната влада ќе изнесува 20, ветувајќи дека и тој број дополнително ќе го намалуваат.
Граѓаните секојдневно беа убедувани дека доколку СДСМ ја добие довербата и формира влада, власта ќе биде одговорна и нема да ги троши парите на граѓаните на голем број на министерства и броен кабинетски персонал. СДСМ две ипол години во континуитет им ветуваше на граѓаните одговорна власт. 10 месеци откако СДСМ е на власт во Република Македонија, гледаме целосна неодговорност кон граѓаните и државата.
Бројот на министри е ист, а кабинетскиот персонал зголемен. Уште при преземање на власта, владините министри побрзаа да ги наполнат своите кабинети со таканаречените шарени револуционери и активисти на СДСМ како советници. Ова е спротивно од тоа што го ветуваа.
Дополнително СДСМ ветуваа дека откако ќе го намалат бројот на министрите, ќе преминат на намалување на бројот на пратениците на бројка од 90 до 100. Ништо од ова не е реализирано.
Наместо намалување на бројот на пратеници, СДСМ и ДУИ без постоење на реална причина изгласаа зголемување на бројот на потпретседателите на Собранието на Република Македонија, од 3 на 5. Зголемувањето на бројот на потпретседатели е трошок за државата, а не потреба.
СДСМ го користи Буџетот како средство за намирување на коалициските договори. Власта наместо за нови инвестиции од Буџетот на граѓаните ги плаќа бројните министри во владата, новите потпретседатели во Собранието и бројниот кабинетски персонал во владата и министерствата.
Оваа неодговорна власт не работи за доброто на граѓаните. Оваа неодговорна власт расипнички се однесува со Буџетот на државата, неконтролирано се задолжува и неодговорно менаџира со државните ресурси. Колку побргу си замине оваа ненародна власт, толку подобро за државата и граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа