Иванов го игнорира Османи: Законот за јазици останува заклучен во претседателската фиока
Еден месец по чудното донесување на Законот за јазици, актот за неговото прогласување се уште стои заглавен во фиоката на Претседателот Иванов.
Серијата закани и ултиматуми испратени од потпретседателот на Владата, бујар Османи, како да не предизвикаа никаква реакција од Вила Водно.
Османи во два наврати му даде рок на Претседателот од неколку дена да го потпише законот, најавувајќи дека постојат и други начини тој да стапи во сила.
На брифингот викендов отиде и чекор подалеку коментирајќи дека во праксата имало бројни примери кога законско решение без потпис на Претседателот стапило на сила, без при тоа да наведе на кој примери мисли.
За волја на вистината ваков пример немало иако имало обиди тоа да се направи, но сите биле спречени од Уставниот суд.
Интересно е што Претседателот на ваквиот ултиматум на Османи реагираше со комплетно игнорирање. Од Кабинетот на Иванов воопшто и не реагираа на ултиматумот на Османи.
Последниот став на Претседателот изнесен уште пред неколку недели беше дека нема намера да го смени својот став и да потпише закон за кој смета дека е донесен надвор од деловничката процедура и е во спротивност на македонскиот Устав.
По првиот повик на Османи, кон вториот се приклучи и премиерот Заев кој побара од Претседателот да го потпише законот и да му остави на Уставниот суд да ја донесе одлуката околу неговата усогласеност со Уставот.
Законот за јазици беше донесен во тензична атмосфера кога само присебната реакција на обезбедувањето спречи посериозен инцидент на Талат Џафери со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои реагираа откако им беше скратено правото на дискусија а нивните 36.000 амандмани воопшто не се најдоа на дневен ред.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа