То Вима: Ако тврдењата на Нимиц се точни нема шанси за компромис

 

 Сите грчки медиуми јавуваат за средбите на медијаторот Метју Нимиц со македонскиот државен врв и во своите наслови главно ја извлекуваат изјавата на Нимиц дека меѓу Атина и Скопје се уште постојат суштински и сериозни разлики, јавува МИА.

- Метју Нимиц вообичаено многу внимателно ги избира зборовите кога дава јавни изјави. Избегнува да зборува за предлозите и идеите што ги дал и прибегнува кон поедноставени одговори за позициите на двете страни и неговите следни чекори. Но специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН ја напушти оваа практика за време на прес-конференцијата во Скопје по средбата со премиерот Никола Груевски. Нимиц појасни дека Атина и Скопје, во оваа фаза, имаат дијаметрално спротивни ставови и за позицијата на географската одредница и за опсегот на употреба, пишува „То Вима“.

Весникот нагласува дека Нимиц, одговарајќи на новинарско прашање, истакнал дека Атина инсистира новото име да се употребува и внатре во Македонија.

- Јасно, ако ова е точно не постои начин да се постигне компромис меѓу двете земји. Сепак, оние кои со години ги следат преговорите со Скопје многу добро знаат дека терминот ерга омнес различни луѓе го толкуваат на различни начини, пишува „То Вима“.

Провлединиот „Катимерини“ својот извештај го наслови „Залудна посета на Нимиц на Атина и Скопје“. Весникот без коментар пренесува само информации за средбите на Нимиц во Скопје нагласувајќи дека медијаторот при посетата на Атина и Скопје утврдил оти меѓу Грција и Македонија нема договор во врска со неговиот последен предлог за прашањето за името. 

12.09.2013 - 11:05

најчитано сега