Слепите лица добија звучни апарати за мерење притисок и температура
Денеска завршија маките за лицата кои имаат оштетен вид , при мерењето на притисок и температура. Министерството за здравство денеска им додели 400 апарати за мерење притисок и топломери кои ги објавуваат резултатите звучно.
По тој повод, министерот за здравство, Никола Тодоров, заедно со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, го посетија Националниот сојуз на слепи лица на Македонија и разговараа со слепите лица.
-Беше отворено прашањето за слични вакви апарати, за оние кои се дијабетичари, за мерење на шеќерот во крвта. Ние како министерство ќе направиме напор и ова да го реализираме, истакна министерот за здравство Тодоров, пренесе Курир.
Министерот СПасов истакна дека голема помош за овие лица во последниот период даде и Министерството за труд и социјална политика: -Најзначајните мерки се додатокот за лицата со слепило кој го користат 1080 потполно слепи лица, МТСП во соработка со останатите министерства овозможи бесплатен превоз низ Република Македонија. Слепите лица шест пати годишно добиваат повратен билет за себе и своите придружници за патување на било кое место во Македонија, истакна министерот за труд и социјална политика, Спасов.
Инаку, за овој проект Министерството за здравство одвои 1.200.000 денари.