Министерството за економија воведува нова услуга - потсетник за истекување лиценца
Министерството за економија воведува потсетник за истекување лиценца со кој деловните субјекти ќе бидат електронски информирани дека нивната лиценца истекува за период од триесет дена.
- Досегашните искуства покажуваат дека голем дел од деловните субјекти ненавремено ги обновуваа своите лиценци, по истекот на рокот на важноста на претходно издадената лиценца, со што сносеа ризик за санкционирање при инспекциски надзор. Затоа е предвидено Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца да го потсетува носителот на лиценцата преку електронска порака на е-маил адресата и со СМС-порака, за периодот на важноста, се вели во соопштението од Министерството за економија.
Потсетувањето ќе се врши доколку носителите на лиценца дале претходна согласност дека тоа ќе биде на нивни трошок. Второто решение во овој Предлог-закон има за цел заштита на здравјето и животот на малолетните лица под 18 години, односно доследно почитување на ограничувањата за продажба или купување на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари. Се пропишува обврска трговецот на мало при продажбата на алкохолни и енергетски пијалоци и цигари да ја утврди возраста на купувачот. Ова не е оставено на желбите и можностите на трговците, туку начинот на постапување на трговците на мало при утврдување на возраста на лицата под 18 години, при продажбата на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари ќе се олесни со детално пропишано Упатство, кое ќе го изготви Министерството за економија.
Целта на третото решение на овој закон е да се заштити јавниот интерес и правото на мир и спокојство во колективните станбени згради и деловно-станбените згради. Одделни прекршоци ќе се изземат од постапката за едукација, ќе се премине на нивно директно санкционирање. Ова се однесува на непријавување на исполнувањето на условите и почнувањето со работа на продажниот и деловниот објект, почнување со работа во колективна станбена зграда и деловно-станбена зграда пред 6 часот, односно работење по 24 часот и чување на евиденцијата надвор од соодветната деловна просторија во која се врши трговијата, со што не е во секое време достапна на надлежните инспекциски органи.
- Со оваа законска измена се обезбедува примена на едукација за прекршоците кои се направени првпат. За да се спречи злоупотребата, прекршоците кои се повторуваат нема да подлежат на едукација и за нив ќе се применува директно санкционирање, стои во соопштението од Министерството за економија.