Пожар во Велес - бел чад се ширеше низ градот

 

Градската депонија на Велес денеска цел ден гореше, а бел опасен чад се ширеше кон градот.  Пожарот  со вода  го гаснеа екипи на Противпожарната единица и ЈКП „Дервен“ кое стопанисува со депонијата кои со булдужери затрупуваа со земја.

Како што информираат од ЈКП „Дервен“ пожарот попладнево е  веќе локализиран, но самото гаснење е отежнато поради составот на запалената маса.

Според соопштението од ЈКП „Дервен“  причината за пожарот се високите температури и депонискиот гас што го испушта отпадот.

Општинскиот инспектор за животна средина Билјана Шуркова Манаскова во изјавата за медиумите потенцира дека причините за пожарот како и во изминатите лета на градската депонија се високите температури и депонискиот гас, но не го исклучува и  невниманието од  човечкиот фактор.

- Велес има најзагаден воздух кога гори депонијата. Кога гори отпад во амбиенталниот воздух се ослободуваат најтоксичните материи - дуксини и фурани  кои што имаат и канцерогени својства. Затоа како општина  се трудиме кога ќе имаме ваква несакана појава и  правиме напори што побрзо  да го локализираме пожарот, појасни Шуркова Манаскова.

Воедно најави санирање на состојбите и преземање на мерки за да не дојде до повторно опожарување на депонијата.

Градската депонија во Велес гори секое лето, а решението е изградба на регионална депонија каде ќе има селектирање на отпадот. Локалните власт апелираат за изградба на стандардна регионална депонија кај Росаман која би чинела 20 милиони евра, а која засега е само во техничка документација.

Со нејзина изградба и селектирање на отпадот ќе се спречат пожарите на велешката депонија, а ќе се заштити и здравјето на граѓаните на Велес од токсичните материи, посочуваат од општинскиот инспекторат за заштита на животната средина.

 

 

 

20.08.2018 - 19:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега