Стопанската комора целосно ги поддржува проектите кои ги најави Груевски
Во Проектот на Владата на Република Македонија за економско-финансиски мерки за наредната година, важен развоен стимул се најавите за зголемување на капиталните инвестиции, пред се` во модернизацијата на патната и железничката инфраструктура, што беше еден од приоритетите на проектот 3И - инвестиции, инфраструктура, извоз, промовиран од бизинис-заедницата во Стопанската комора на Македонија, уште во 2010 година.
Ова е дел од ставот на Стопанската комора на Македонија за вчерашното обраќање на премиерот Никола Груевски пред бизнис-заедницата.
-Заемот, односно обезбедената кредитна линија со 2% камата од Ексим банка од НР Кина, е позитивен сигнал за можностите на достапни поволни кредитни линии на светските финансиски пазари, за кое задолжување во функција на изградба на долго најавуваните инфраструктурни зафати, Стопанската комората на Македонија даде целосна поддршка. Во делот на императивната поддршка на извозот, како втор приоритет, Стопанската комора на Македонија оценува дека се неопходни активности и мерки за олеснет пристап на третите пазари и стимулација на домашните извозни компании за поголем степен на конкурентност, посебно во услови на се` уште ненадмината стагнација на светската побарувачка, стои во соопштението.
Стопанската комора на Македонија ја поздравува одлуката на Владата на РМ да донесе закон за финансиска дисциплина, кој бизнис-заедницата го бараше уште во 2010 година, во функција на подобрување на ликвидноста. Од Комората велат дека одредбите од истиот со рок на исплата на паричните трансакции од максимум 60 дена, со можен договор за 120 дена, како и важноста на истиот за должничко-доверителските односи меѓу правните лица од приватниот сектор, но исто така и меѓу приватниот и јавниот сектор се за поздравување. Одредбите на истиот пред се` треба да бидат во функција на зголемување на дисциплината, за што, се надеваат од Стопанската Комора, заедно ќе формулираат соодветни одредби за таа цел, како не би имало закон само за казнување, имајќи ја предвид моменталната крајно изострена меѓусебна задолженост.
-Стопанската комора на Македонија ги поздравува досегашните и најавените измени во Законот за стечај, како еден клучен елемент во бизнис-климата и еден од критериумите за оценка на бизнис-климата во DOING BUSINESS (ДУИНГ БИЗНИС). Но, покрај скратените рокови само во насока на брзо завршување на стечајните постапки и електронска продажба на имотот пред да изгуби од вредноста, треба да се дополни и со поефикасна претстечајна постапка. Во тој контекст, Стопанската комора наа Македонија е на став во рамките на јавно-приватниот дијалог да се изнајдат најсоодветни одредби во делот на претстечајното порамнување, се` во функција на перспективните фирми, со добри планови за реорганизација да продолжат да работат и да ги задржат вработените, соопштуваа од Стопанската комора.