"Наместо дома, заминаа во смрт, душите ни се пекол" - потресно сведоштво за убиеното семејство во Дебар

 

Поради грозоморното убиство, што ја вознемири не само дебарската, туку и пошироката макеоднска јавност, Советот на општина Дебар ја одложи за денеска закажаната седница, откако советниците им оддадоа почит со едноминутно молчење.

- Вакво нешто не се памети во нашиот град. Советниците донесоа одлука да се одложи седницата и сите заедно да одиме и на најблиските да им изразиме сочувство, а на тројцата и  последна почит, рече претседателот на советот Башким Машкули.

И градоначалникот Ружди Љата претходно изјави дека ваквов настан не се случил во градот во изминатиот век.

Тројцата членови од семејството Поцеста, кои смртно беа затрелани во нивниот дом, денеска ќе бидат погребани на муслиманските гробишта во Дебар.

Онаму каде што живееја и беа убиени, во нивниот дом, како и во соседната куќа, на најблиските на Амит, Назмие и нивната четиринаесетгодишна ќерка Анила, голем бтој граѓани им изразуваа искрено сочувство.

 

- Наместо за Италија, каде денеска планираа да си заминат, еве судбината сакала да ги испратиме до нивните вечни почивалишта. Тој ни беше единствен брат, неговата душа беше секогаш преполна со разбирање и солидарност за секого. Бог да го казни тој што ни ги одзеде и нашите души ги претвори во пекол, низ солзи зборуваа неговите три сестри.

Инаку, тројцата членови од семејството Поцеста беа застрелани со пиштол во неделата во утринските часови, во нивниот дом, додека спиле. Сопружниците биле најдени во спалната соба, додека девојчето во нејзината соба.

Сопружниците Поцеста, кои имаат уште две возрасни ќерки, речиси три децении живееја и работеа во Италија, а во родниот крај вообичаено, како и секоја година, доаѓале за време на летниот одмор.

Двете ќерки за Италија  заминале пред неколку денови.

Трите безживотни тела  ги пронашле роднини, кои откако виделе дека ги нема на домашната веселба на нивен близок роднина и не се јавувале на телефонските повици, заминале во нивната куќа, и, според нивното сведочење, влегле преку отворен прозорец со помош на скала. Шокирани од глетката ја известиле Полициската станица од општа надлежност во Дебар, која потоа ја информирала Општата болница. Екипа на итна медицинска помош веднаш пристигнала, но за жал лекарот само констатирал смрт.

Надлежните, во интерес на истрагата, не соопштуваат детали.

 

 

 

28.08.2018 - 12:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега