ВМРО-ДПМНЕ: Јанчев има право на личен став - одлуката на партијата е донесена
Ставот на Митко Јанчев е негов личен став и тој има право на тоа, но одлуката на партијата е онаа која што ја донесе Централниот комитет. За ВМРО-ДПМНЕ нема ништо спорно тоа што партискиот потпретседател и градоначалник на Кавадарци не се согласува партијата да го повика членството да постапи по сопствено убедување.
Јанчев утрово во изјава за МКД.мк вели дека членството требало да се повика на гласање и дека тоа само треба да одлучи дали ќе гласа За или против. Истиот портал повикувајќи се на свои извори пишува дека постои недоразбирање меѓу Јанчев и Мицкоски.
Извори на Press24 од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека имало и различни мислења во партијата, но како што велат, тоа и не е чудно кога имате толку голема партија со толку бројно членство.
„Во рамките на партиските тела нормално е да се дебатира и да има различни мислења. На крајот гласаме и градиме официјален партиски став. Него вчера го кажа лидерот Мицкоски.“ – вели партиски функционер за Press24.
Нашите извори велат дека на вчерашната седница на Централниот комитет најголемиот дел од членовите дале поддршка на одлуката која беше донесена иако имало и такви кои имале поинакви ставови кои се движеле и во насоката да се излезе на гласање но и кон тоа да се повика на бојкот на референудмот.
„Во партијата има единствен став дека Договорот со Грција е лош за Македонија и дека не треба да го прифатиме“ – вели нашиот извор.
Опозицискиот лидер Мицкоски вчера го повика членството на референдумот да постапи по сопствено убедување што во десничарските кругови и кај поддржувачите на партијата беше дочекано со поделени мислења.
За дел од нив партијата постапила исправно и дека на некој начин испратила повик референдумот да се бојкотира. За други, одлуката на ВМРО-ДПМНЕ била премногу мека. Тие додаваат дека очекувале јасен повик за бојкот на референдумот.
За Премиерот Заев, вчерашната порака на Мицкоски е носење на јавноста во заблуда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа