Македонските бизнисмени се сретнаа со своите турски колеги

 

Денеска се одржа средба помеѓу бизнисмени од турската Стопанска комора Бергама и стопанственици од македонската Стопанска комора. На бизнис-форумот се разговараше за можностите за соработка преку склучување договори и инвестиции. 

Стопанствениците од Бергама во Македонија од вчера веќе имаа средби со претставници на компании од Сојузот на стопански комори, а го посетија и кавадаречкиот регион каде ги разгледаа потенцијалите за соработка и инвестирање.

Според Урпер, во Македонија забележале голем подем и развој за чие продолжение, како што вели, мора да има и вложување на странски капитал. - Зошто и ние да не бидеме еден дел од тој странски капитал што ќе дојде во Македонија? Нашиот интерес е подобрување на трговската размена и што поголем број средби и контакти за конкретна соработка. Од градежниот сектор имаме голем број претставници кои настојуваат да вложуваат во Македонија, рече Урпер.

Трговската размена  меѓу Македонија и Турција изнесува околу 400 милиони долари со дефицит на македонска страна. Во Турција на годишно ниво се извезени производи во износ од 80 милиони долари, а се увезени со вредност од 320 милиони долари.

Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија истакна дека еден од приоритетите на Комората е да се отворат нови можности за соработка на македонски компании. Од домашните компании секогаш има интерес за вакви средби, а за денешните се пријавија 30. - Од страна на турските стопанственици има голем интерес и се надевам дека во иднина соработката ќе биде поголема и ќе има конкретни резултати од средбите, рече Аризанковска. Наш приоритет, додаде, е да ја зголемиме конкурентноста на нашите членки. 

20.09.2013 - 12:32
Фото: 
МИА

најчитано сега