Обвинителството и МВР молчат за скандалот „Брзи гласачи“ на референдумот
Молк во МВР и во Обвинителството за скандалот „Брзи гласачи“
Од МВР велат дека освен оние пријави за нарушување на изборниот процес за кои веќе известија, пријави за полнење на кутии нема. За Министерот Спасовски, податоците објавени од ДИК не се доволен показател за во координација со Основното јавно обвинителство да почне истрага за да се провери како е можно за 17 секунди некој да го реализира своето гласачко право и тоа да се случува во континуитет цели 90 минути без престан.
Од основното јавно обвинителство вчера не сакаа да откријат дали ќе се води постапка за овој случај. За разлика од вчера кога добивме барем одговор на нашето прашање денеска на телефонскиот број во службата за односи со јавност не се јавува никој, па нема информација дали Обвинителството планира да отврои истрага за аферата „Брзи гласачи“
Согласно законот, обвинителите се должни по службена должност да ги проверат сите сомнежи за евентуални изборни нерегуларности, а над 300 гласа за 90 минути, според сите параметри е повеќе од доволен сомнеж.
Се анализира и во ДИК. Од Комисијата велат дека на седница која ќе се одржи денеска можно е да се расправа и на оваа тема. Од таму велат дека секој од членовите во ДИК има право да побара увид во изборниот материјал за секое од избирачките места. Доколку некој од членовите на ДИК се реши да ги побара гласачките ливчиња од Студеничани, Сарај и уште неколку сомнителни општини низ Македонија, не се исклучува можноста да почне процесот кој ќе треба да покаже, дали Македонија ги има најбрзите гласачи или пак станува збор за изборни манипулации.
За ВМРО-ДПМНЕ нема дилема дека станува збор за полнење на гласачки кутии и тие веќе поднесоа соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
„ Почитувани, за денот на гласањето посочивме на низа нерегуларности, аргументирано и со докази за кршење на молкот, лажно претставување, злоупотреба на телефонски броеви, кол центри на СДСМ, потоа основано сомнение за полнење на кутии, лажирање на резултати, насилство врз набљудувачи, а од него, од ЈО Јовески - ниту глас! ВМРО-ДПМНЕ постојано поднесува кривични пријави за кривични дела против изборите, за кои ЈО треба само по службена должност, екс официо, веднаш сами да отворат истрага! Ама, Јавниот обвинител го НЕМА! “ – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
На веб сајтот на ДИК, секој човек може да ги побара спорните избирачки места и да види дека во една минута во Студеничани гласале во просек 3,5 гласачи, а нешто над 3 гласачи по минута или по еден на секои 20 секунди гласал во Сарај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа