Струмица заживува економски - поставен камен-теменик на Технолошко-индустриската развојна зона
Со поставување камен-темелник денеска беше означен почетокот на изградба на инфраструктурата на Технолошко-индустриската развојна зона „Струмица“.
ТИРЗ „Струмица“ ќе има вкупна површина од 25 хектари и ќе се гради во катастарската општина Свидовица. Зоната е лоцирана на 50 километри од граничниот премин „Богородица“ кон Грција и на 23 километри од граничниот премин Ново Село кон Бугарија.
- За изградбата на комплетната инфраструктура во зоната планираме да инвестираме околу 300 милиони денари со кои ќе се изгради сообраќајница, водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, електроенергетска мрежа, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување. Со тоа ТИРЗ „Струмица“ ќе стане функционална целина која со своите карактеристики ќе може да им посака добредојде на сите потенцијални инвеститори во овој регион, рече премиерот Никола Груевски по поставувањето на камен-темелникот.
Тој посочи дека местото на кое е лоцирана зоната на потенцијалните инвеститори ќе им овозможи добра комуникација со двете соседни земји, но и со меѓународниот пазар: - Да се отвори само едно ново работно место, една нова фабрика, да се намали само еден процент од нивото на невработеноста во земјата потребно е вклучување на многу органи на државната управа, но и вклучување и координација на повеќе чинители од различни сфери во општеството. Потребно е совесно и посветено да се изработат задачите за постигнување на зададените цели, истакна Груевски.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека поставувањето на камен-темелник на ТИРЗ „Струмица“ претставува реализација на уште едно ветување на Владата.
- Ова е голем проект кој ќе значи економско заживување за регионот на Струмица. ТИРЗ-от е дел од политиките на Владата на Република Македонија за нови инвестиции за отворање работни места. Само со отворање работни места може да се подобри животот на граѓаните, рече Ставрески.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека изградбата на ТИРЗ „Струмица“ заедно со другите ТИРЗ-ови во Македонија претставува реализација на визијата на Владата за изградба на зони со целосно изградена и развиена инфраструктура кои ќе можат да ги понудат сите потребни услови и поволности за производителите.
- Во високотехнолошките преработувачки капатцитети во ТИРЗ „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“ во текот на 2012 година инвестирани се 62 милиони евра. Оваа година само во постоечките капацитети ќе се реализираат вкупни инвестиции од над 70 милиони евра, рече Мизо.
Премиерот Груевски, кој денеска е во посета на струмичкиот регион, претходно го пушти во употреба новоизградениот локален пат што ги поврзува Струмица и селото Попчево и околните села Рич и Белотино.