Драги: Рано е да се прогнозира дали на Грција ќе и биде потребен трет пакет финансиска помош
Претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, изјави дека сеуште е рано да се прогнозира дали на Грција ќе и биде потребен трет пакет финансиска помош.
Во одговор на прашање на европартеник од редовите на грчката опозициска партија Сириза, Драги потенцира дека грчкиот долг засега е одржлив, потсетувајќи дека во тек е исплатата на помошта од вториот пакет за спас на Грција.
Тој нагласи дека ЕЦБ ќе продолжи да и исплаќа средства на Грција од вториот пакет-помош до крајот на 2014, додека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој заедно со ЕЦБ и ЕУ ја сочинуваат „тројката“ меѓународни кредитори на Атина, ќе одделува средства за потребите на грчката држава до почетокот на 2016 година.
Донесувањето на евентуална одлука за трет пакет за спас на Грција ќе зависи од обемот на пристапот на земјата до финанските пазари до крајот на 2014 година, нешто што засега е тешко да се предвиди, дополни Драги во одговорот од европартеникот од Сириза.